„Ќе постапиме соодветно доколку има обиди за дестабилизација на државата, нема да дозволиме безбедносната состојба да се наруши“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во утринската програма на Слободен печат.
Според министерот, состојбата во државата е безбедна,а во врска со најавите за дестабилизација на државата, МВР ќе одговори соодветно.
„Секој има право да протестира во законско утврдена форма за одредено прашање за кое смета дека дискриминира, но ред мора да има. Никој нема право во државата со насилие незаконито да малтретира било кого. Нема да дозволиме безбедносната состојба да се наруши. Будно ја следиме состојбата, и се надевам дека опозицијата ќе се вразуми и ќе се постапува во рамки на своите права, односно мирно, достоинствено и културно да ги остварува правата кои се утврдени со закон. Јавен протест на законски начин е нормална работа. Не смее да се дозволи насилие и самовластие“, изјави Тошковски.