Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остварил билатерална средба со неговиот австриски колега Герхард Карнер на маргините на Министерската конференција на Салцбуршкиот форум кој се одржува денеска и утре во Австрија.
На средбата, соопшти МВР, Карнер му го честитал назначувањето на Тошковски, истакнувајќи ја важноста на традиционално добрите односи меѓу двете држави.
-Министрите се согласија за продолжување и зајакнување на соработката, особено во заедничкото справување со миграциските текови и борбата против илегалната миграција и криумчарењето на мигранти. Оваа соработка е од суштинско значење за одржување на стабилноста и безбедноста во регионот, како и за ефективното управување со предизвиците што произлегуваат од миграциските кризи, информира МВР.
Министерот Тошковски изразил благодарност за помошта и поддршката што сојузното министерство ја дава на нашата држава. Посебно го истакнал значењето на претходниот билатерален договор и заедничките операции со Фронтекс, кои, како што навел, значително придонесуваат за подобрување на безбедносната состојба и ефикасното справување со имиграционите предизвици