Тошковски и Ангелов извршија увид на пожарот во атарот на селото Зеленград – им се заблагодарија на оние што учествуваат во гаснењето

Заедничка обиколка и увид на пожарот на отворено во атарот на село Зеленград во околината на Општина Пробиштип денеска направија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

При увидот на пожарот на отворено на Осоговските планини, во линија на големата фронтова линија на пожарот, како што информираат од ЦУК, била искажана благодарност до сите ангажирани за гаснење на пожарите во државата.

За несебична посветеност и храброст, Тошковски и Ангелов ги посочија пожарникарите, доброволните друштва и доброволците, мештаните, како и домашните воздухопловни сили на ДЗС и МВР, како и помагателите за од земја и од воздух пристигнати од земјите од Европската унија.

„Постојана координација и комуникација со нашите пријатели од странство се остварлива преку координација на ЦУК, со цел обебзедување на дополнителна и ресурси за справување со оваа криза, согласно специфичноста и можностите на ситуацијата“ – се вели во соопштението на ЦУК.

Попладнево Ангелов соопшти дека во текот на денешниот ден има 17 пожари на отворено, од нив шест се целосно изгаснати, а пет се ставени под целосна контрола. Во моментов има шест активни пожари, посочувајќи дека првиот и најсложен пожар за гаснење е на територија на Општина Македонски Брод, во атарот на селата Тажево и Брезница, пожар за кој рече дека беснее со денови.