Изградбата на нов полициски објект во Чаир треба да биде прв приоритет во делот на изградба и реконструкција на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, смета техничкиот министер, Панче Тошковски, кој беше денеска на работна посета на единицата за внатрешни работи Чаир и полициското одделение Мирковци.
Како што информираат од МВР, на средбата во Чаир, министерот бил брифиран дека со години наназад било ветувано дека ќе се изгради целосно нов објект, но до ден денес од тоа нема ништо.
– Имајќи предвид дека од сите кои ги посетив до сега овој објект е во најлоша состојба, од моја страна беше потенцирано дека изградбата на нов објект за потребите на оваа организациска единица треба да биде прв приоритет во делот на изградба и реконструкција на капацитетите на министерството, потенцирал министерот Тошковски.
На средбата во Полицискиото оделение Мирковци, Министерот бил запознаен со карактеристиките на криминалитетот кој е застапен на тоа подрачје.
– Заклучокот е дека и во ова одделение кадровската пополнетост е на незадоволително ниво, а исто така има недостиг и на возила неопходни за квалитетно извршување на полициските работи, стои во соопштението од МВР.