Тошковски ги оцени обвинувањата за тендерите како обид за политичка конструкција и дефокус од реформите

- Наместо идеи и решенија, повторно гледаме координирани напади, дезинформации и обвинувања без основа, сè со цел да се фрли сенка врз процесите кои за првпат се водат со целосна транспарентност и отчетност. Кога СДСМ и Левица, партии со спротивставени реторики и интереси, ќе се најдат на иста страна, тоа не е коинциденција, туку потврда дека сме на прав пат, вели Тошковски во објавата.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски попладнево преку објава на Фејсбук ги оценија како обид за политичка конструкција и дефокус од вистинските реформи обвинувањата од опозицијата за злоупотреба на тендери.

– Наместо идеи и решенија, повторно гледаме координирани напади, дезинформации и обвинувања без основа, сè со цел да се фрли сенка врз процесите кои за првпат се водат со целосна транспарентност и отчетност. Кога СДСМ и Левица, партии со спротивставени реторики и интереси, ќе се најдат на иста страна, тоа не е коинциденција, туку потврда дека сме на прав пат, вели Тошковски во објавата.

Во однос на обвинувањата поврзани со тендерот за набавка на униформи за специјалните единици, Тошковски посочува дека МВР нема склучено договор за директна, еднократна исплата на наведената сума, туку дека е склучена рамковна спогодба која претставува максимална вредност за набавки во наредните три години.

– Разликата е клучна, самата рамковна спогодба не предизвикува директна финансиска обврска за Министерството, односно финансиски обврски се преземаат само кога ќе има реална потреба и се склучуваат посебни, поединечни договори за конкретни нарачки, со динамика на испорака според потребите, наведува Тошковски.

Во однос на критериумите во тендерите, Тошковски вели дека целата постапка била транспарентна и била предмет на задолжителна контрола од Бирото за јавни набавки при што не биле пронајдени никакви неправилности. Појаснува дека премногу строгите критериуми често ги елиминирале малите и средните претпријатија во земјава и дека целта е да се добие најдобар квалитет по најповолна цена, а тоа, како што вели, се постигнува со овозможување на поширок круг на понудувачи.

– Законот за јавни набавки не предвидува исклучување на фирма само поради тоа што е новорегистрирана или има помал број вработени и ние целосно постапуваме согласно неговите одредби. Наместо само на историјат на понудувачите, ние се фокусиравме на она што е најважно, реалниот квалитет на производот. Затоа, клучните услови беа задолжителна достава на мостри и лабораториски анализи. Секој понудувач мораше да достави примероци од униформите и делови од униформа, а мострите беа предмет на лабораториски анализи и испитувања од независни акредитирани лаборатории. Важно е да се нагласи и дека техничките спецификации за униформите и нивните делови се уредени со Правилник кој е јавно објавен во Службен весник. Тоа значи дека тие се стандардизирани и нема можност за какво било влијание врз нивната содржина, што обезбедува еднаков пристап за сите економски оператори.

Покрај квалитетот, клучен фактор е и цената. Анализата покажа дека разликата помеѓу највисоката и најниската понудена цена во постапката е 14,4 проценти за дел 1 и 27,9 проценти за дел 2 од набавката, што ја потврдува конкурентноста на тендерот и добиените поволни цени. За да се обезбеди дополнителна сигурност, за секоја поединечна нарачка се бара банкарска гаранција од 5 проценти од износот на таа конкретна нарачка. Ова е дополнителен механизам за заштита на буџетските средства и осигурување на квалитетот и навремената испорака. Целата постапка беше максимално транспарентна, со продолжување на рокот за поднесување понуди, од 32 на 55 дена, за да се обезбеди фер шанса за сите, наведува Тошковски.

Опозицијата изминатите две дена излезе со обвинувања дека во Министерството за внатрешни работи се склучени сомнителни тендери со фирми со мал број на вработени и основани пред распишувањето на тендерите.