Тошковски вели не била запазена процедурата на евидентирање на сите патници – шест возила од колоната на Гаши поминале граница за 2 минути

По обвинувањата на СДСМ за скандал и самоволие на, како што велат, коалицискиот партнер на Христијан Мицкоски, Африм Гаши, дека според информациите кои од свиркачи се доставени до нив, границата со Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата и се пропуштени преку границата без никаква контрола, за што побараа одговорност и оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, тој денеска информираше дека планот за патување на Гаши е уредно најавен, но призна и дека не била целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници.

– Во врска со настанот поврзан со патувањето во Косово на претседателот на Собранието Африм Гаши, Министерството за внатрешни работи во последните три дена изврши интензивни проверки кои вклучуваат преглед на камерите на граничниот премин Блаце, увид во евиденција на системот за контрола на патници и возила и евиденција во книгите на настани и процедури на граничниот премин, објави Тошковски на Фејсбук.

Според него, утврдено е дека планот за патување на претседателот Гаши е уредно најавен и заведен во евидентните книги по претходно известување од Министерството за надворешни работи од 16 август оваа година.

Во известувањето покрај претседателот на Собрание, опфатени се и членовите на неговото семејство, членови на обезбедувањето и три полициски службени возила, а граничниот премин на 18 август во период од 18:40 часот до 18:42 часот го поминале шест возила под полициска придружба од кои три полициски и едно ВИП возило.

– Праксата на работењето на граничниот премин во поглед на преземање на зајакнати мерки и активности за обезбедување на делегација, поради недоволен број на сообраќајни ленти, значи во моментот на поминување на делегацијата со цел обезбедување на простор без други возила, гранични проверки да се вршат со попуштен режим согласно со член 17 од Законот за гранична контрола, како што се одвивало и во овој случај и траело многу кратко време – додаде Тошковски.

Министерот нагласи дека за утврдените пропусти во работењето од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север кон раководителот на смена на граничниот премин ќе бидат преземени соодветни мерки за утврдување на одговорност согласно Колективниот договор на МВР.

За Тошковски, она што е важно и кон што се стреми Министерството за внатрешни работи е законите да важат за сите исто.