Тошковски вели дека разговарал со родители на настраданите во „Пулс“, но не сакал од тоа да профитира медиумски

„Истрагата во делот на процесот што се води од страна на Основното јавно обвинителство – Кочани, формално е завршена. Но, тоа не значи дека доколку се најдат одредени докази, а се поврзани со конкретно кривично дело, нема да бидат процесуирани спрема оние сторители, потенцијални осомничени или идни обвинети каде што ќе има конкретни докази“, рече министерот.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека континуирано е во комуникација со родители, но, оти не сака да го користи тоа за пи-ар и за медиумска експлоатација, откривајќи дека веќе бил во Кочани, каде имал средба со дел од родителите на настраданите во т.н. кабаре „Пулс“.

„Тоа што можам да го сторам како министер и тоа што сум должен да го направам, ќе го направам, но, нема од тоа да профитирам медиумски. Имаше многу разговори, имаше многу конструктивни разговори со тие родители“, изјави Тошковски, во интервју во емисијата „Објектив“ на МТВ.

Зборувајќи за пожарот во „Пулс“, Тошковски, рече дека еден од најновите обиди за манипулација што ги прави опозицијата е дека истрагата завршила, а информациите не биле достапни до јавноста.

„Истрагата во делот на процесот што се води од страна на Основното јавно обвинителство – Кочани, формално е завршена. Но, тоа не значи дека доколку се најдат одредени докази, а се поврзани со конкретно кривично дело, нема да бидат процесуирани спрема оние сторители, потенцијални осомничени или идни обвинети каде што ќе има конкретни докази како што беше и со оној фиктивниот сопственик којшто го кажавте претходно поврзан со, односно реалниот сопственик поврзан со правното лице за обезбедување на предметната дискотека. Тоа е едниот факт, а вториот е лагата на опозицијата дека истрагата е целосно завршена. Не е точно. Истрагата што се води од страна на Обвинителството за организиран криминал сѐ уште е во тек и не е завршена“, рече Тошковски.

Тој додаде дека, од она што досега бил информиран, имало огромен број докази за многу лица, за дејствија и не дејствија.

„Тезата на опозицијата дека не одговараат моментални функционери што од петни жили се обидуваат да ја наметнат на јавноста, е погрешна. Во рамки на оваа постапка, факт е дека е осомничен еден актуелен министер. Осомничени се поранешни, но, осомничен е и еден актуелен министер. Факт е дека во рамки на оваа постапка се осомничени и поранешни директори, но, осомничен е и моментален директор на Дирекција за заштита и спасување. Факт е дека во рамки на оваа постапка имаме осомничено поранешни градоначалници, но, факт е дека имаме осомничено и сегашен градоначалник“, рече министерот.

Тошковски рече дека лага било и тоа оти не се опфатени моментални надлежни полициски функционери.

„Исто како што е лага дека полициските функционери наводно кажано коишто биле надлежни вечерта, сѐ уште ги обавувале истите функции. Не е точно“, додаде Тошковски.

Прашан за барањата на блиски на загинатите во пожарот во „Пулс“ да одат во Кочани и лично да се сретнат со нив, Тошковски рече дека бил во Кочани и се видел со дел од родителите.

„Јас бев во Кочани. Бев, се видов со добар дел од родителите“, одговори министерот.