Тошковски: Васко Ковачевски и натаму е македонски државјанин

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски рече дека екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски по кого се трага од вчера, и натаму е македонски државјанин.

Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е осомничен во случајот „Адитив“ не се откажал од македонското државјанство, денеска потврди министерот за внатрешни работи – Панче Тошковски.

– Посоченото лице е во рамки на регистерот на државјани на Македонија, истото е македонски државјанин и не побарало отпуст согласно информациите кои ги имам во овој момент, истакна Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека лицето не е достапно на органите на прогон.

– Органите на прогон ќе сторат се во рамки на нивната законска надлежност да постапат, се со цел истото да биде изведено пред лицето на правдата, изјави министерот.

Тошковски изрази голема благодарност до полициските службеници кои работеа на овој случај.

– Се работеше интензивно, подолг временски период. Само во текот на вчерашниот имаме над 30 претреси извршено на домови и на други простории. Два претреси се извршени во рамки на отворање на сефови кои се поврзани со дел од приведените лица. Оваа акција беше сеопфатна и досега е најголема која е спроведена во Македонија од аспект на штета на државниот буџет која е сторена при една енергетска криза кога граѓаните крпеа крај со крај, нагласи министерот Тошковски.