Тошковски: Безбедносната состојба не е нарушена пред седницата на Уставниот суд

-Сметаме дека безбедносната состојба не е нарушена. И во минатото говоревме дека постојат обиди за дестабилизација. Да, факт е дека на одредени злонамерници не им одговара тоа да имаме една демократска земја во која што ќе владее законот и правото и тоа токму се гледа и преку овие нивни дејствија – изјави Тошковски.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, смета дека безбедносната состојба не е нарушена во врска со најавите на ДУИ дека укинувањето на која било одредба од Законот за употреба на јазиците, кој е на дневен ред на седницата на Уставен суд закажана за во среда, ќе биде директен удар врз стабилноста и мирот на државата.

Tој истакна дека Министерството за внатрешни работи ги има потребните капацитети и ќе одговори на сите предизвици како и претходно.

-Сметаме дека безбедносната состојба не е нарушена. И во минатото говоревме дека постојат обиди за дестабилизација. Да, факт е дека на одредени злонамерници не им одговара тоа да имаме една демократска земја во која што ќе владее законот и правото и тоа токму се гледа и преку овие нивни дејствија – изјави Тошковски.

Тој додаде дека барањето на ДУИ директно се меша во работата и надлежноста на Уставниот суд.

– Сметам дека Уставниот суд треба да си донесе одлука согласно Устав и закон. Тоа е негова работа да одлучи дали одреден закон или одредена одредба е во согласност со уставните одредби. Сите политички субјекти и останати фактори во општеството ќе треба да ја почитуваат одлуката која што ќе ја донесе Уставниот суд без оглед во која насока ќе биде истата – додаде тој.

Во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за неажурност на Обвинителството, Тошковски одговори дека се легитимни, имајќи предвид дека македонскиот народ, како што рече, „е желен за правда“.

– Легитимно е претседател на Влада да каже став за нешто што го констатирал како фактичка состојба. Легитимно е македонскиот народ да се надева, да посакува и да е желен за правда – рече министерот.