Тотален колапс: За десетина години Македoнија ќе остане без судии

Тотален колапс на судството ќе има за околу 10 години ако продолжи ова темпо на одлив на судии и неизбирање нови. Ова го покажала анализата на невладината „Коалиција сите за правично судење“, според која за 5 години, во пензија и нешто со разрешувања од судството заминале 177 судии, а биле избрани само 52 од дипломираните кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.

Тотален колапс на судството ќе има за околу 10 години ако продолжи ова темпо на одлив на судии и неизбирање нови.

Ова го покажала анализата на невладината „Коалиција сите за правично судење“, според која за 5 години, во пензија и нешто со разрешувања од судството заминале 177 судии, а биле избрани само 52 од дипломираните кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.

„За само 5 години, бројот на судии се намалил за една четвртина и за деценија-две отсега, судовите не само поради недостигот на судии, туку и поради недостигот на јавната судска служба, ќе колабираат. Алармантна е состојбата со човечки кадар, ресурси и услови за работа, не само во судовите, туку и во јавните обвинителства“, кажа денеска Лејла Тутиќ од „Сите за правично судење“ на презентацијата на анализата на ресурсите во судството и во обвинителството на Македонија.

Бројките презентирани на денешниот брифинг покажуваат дека за само четири години бројот на активни судии се намалил за 125 . Имено, ако во 2020 година во државата имало 494 активни судии, на 1 март 2024 (датум што невладината го избрала случајно како конкретен датум за споредба на затекната состојба за секоја година) во земјава имало 369 или една четвртина помалку од пред четири години.

Намалување на бројот на судии има во речиси сите судови. Исклучок има само во три судови, каде што бројката во изминатите пет години останала иста. Станува збор за помалите судови во Виница, Берово и Свети Николе. Единствен кој бележи зголемување е Апелацискиот суд во Гостивар, каде во 2024 има еден судија повеќе за разлика од пред пет години.

Намалување на бројот на судии има во сите четири апелациски подрачја во државата, а најалармантна е ситуацијата во битолското апелациско подрачје, каде што намалувањето е за дури една третина.

„Доколку го имаме предвид овој податок сосема очекувано е дека за некоја деценија од сега бројот на судии коишто работат во судовите ќе биде толку многу мал што едноставно системот нема да може да функционира и ќе колабира“, посочува Тутиќ.

Додека бројот на судии се намалува, расте бројот на судски предмети, покажува истражувањето. Тој е зголемен за речиси 40 проценти, од 118 004 колку што имало во март 2020 година, на 161 277 во истиот месец годинава. Имајќи го во предвид намалувањето на бројот на судии и зголемувањето на бројот на предмети, истражувачите пресметале дека во просек, еден судија денеска има 83 отсто повеќе работа отколку во 2020-та година.

Ваквата состојба, сепак, варира од суд до суд. Според истражувањето, најалараманто е во Основниот суд во Прилеп. Таму, низ години бројот на предмети се зголемил за дури 375 проценти. Но, во Врховниот суд, пак, на пример има намалување од 47 проценти.

„Ако во 2020 судија во просек имал 239 предмети, во 2024 година има 437 предмети во работа во даден момент. Сето ова резултира или со задоцнета правда, што е неправда, или пак со неквалитетна правда“, беше кажано на брифингот.

Деталната анализа со податоци за судската, извршната и законодавната власт, ќе биде објавена во ноември.