Најтешкиот криминал го прават криминалците со бели крагни. СДСМ со првата амнестија имаа за цел да постигнат изгласување на Преспанскиот договор. Потоа сфатија дека Собранието може да се искористи за вакви цели и за амнестирање на оние од своите редови чиишто дела ќе застарат. Затоа толку набрзина беа донесени измените на Кривичниот законик, за само седум часа. Ова сега е ги спасивме функционерите од минатата и сегашната власт и им се праќа порака на идните функционери да крадат во пппрвата година оти до крај на мандатот ќе ви застарат делата, вели адвокатот Александар Тортевски во емисијата 24 анализа на ТВ 24.
– За застарено кривично дело, а сега се застарени 1000 постапки, судот мора да донесе одбивателна пресуда оти штом ќе настапи застареност судот мора да ја прекине постапката. И тука никако не може да стане збор за никаква конфискација оти би конфискувале од невин човек, а невин човек е оти нема судска пресуда против него, објаснува Тортевски.
Тортевски потсетува дека сегашната власт преговараше со криминалци за да добие гласови во Собранието. Според него, нејасно е како максималната затворска казна за злоупотреба на службена положба, а може некој функционер да украл милијарда, е определена казна затвор до четири години, кога ако обичен граѓанин украде над милион ипол денари ќе одлежи десет години затвор.
– Не е битно како ќе се нарече кривичното дело, битно е битието на кривичното дело и какво ќе биде влијанието врз општеството. Казните се спуштаат надолу кога проблемот т.е. тоа кривично дело исчезнува или станува многу ретко. И не е точно дека во ЕУ нема кривични дела кои се однесуваат на злоупотреба на државни пари и казните се драконски. Со овие измени на КЗ, се праќа погрешна порака дела државните пари не се доволно вреден објект да се штити со превенција, вели Тортевски.