Во текот на ноќта силно торнадо го погоди Њу Орлеанс, при што загина најмалку едно лице, а уништени се куќи, далноводи и превртени се голем број возила во областа Араби.
Шерифот на округот Џејмс Полман изјави дека неколку луѓе се повредени, а едно лице го загубило животот.
„Штом малку ќе ја расчистиме областа, ќе испратиме повеќе луѓе да ја пребаруваат“ – рече тој додавајќи дека противпожарните екипи спасиле неколку блокирани луѓе.
„Вашингтон пост“ пишува дека жртва на торнадото е 26-годишно момче кое спасувачите го пронашле пред куќата.
Поголемиот дел од Јужна Луизијана сè уште се опоравува од ураганот Ајда, бура од четврта категорија што минатиот август ги уништи руралните заедници при што загинаа над 100 луѓе во неколку американски сојузни држави и на Карибите.
Њу Орлеанс сè уште има последици од ураганот Катрина во 2005 година, една од најсилните бури во американската историја, во која загинаа најмалку 1.800 луѓе.