Парно за скопјани ќе има. Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека на 15 октомври (сабота) ќе стартува грејната сезона, затоа што е обезбеден природен гас за топланите, за нивно непречено работење во наредните две недели. А, што ќе биде по први ноември, Ковачевски вели дека „државата е подготвена со алтернативно гориво да ги загрева домовите, училиштата, градинките, деловните простории, министерствата… Тоа значи со мазут, бидејќи топланите можат да работат и на гас и на мазут.
Премиерот Ковачевски објаснува дека, освен што се преговара за набавка на гас, државата мора да мисли и на алтернативен енергенс за топланите.
АД ЕСМ информираа дека на почетокот од грејната сезона системот ќе работи на природен гас, односно обезбеден е гас од „Макпетрол“ за до крајот на октомври, по цена од 1.713 евра за 1.000 нормални кубни метри гас.
– До крајот на грејната сезона, концептот на греење, односно енергенсот, ќе се определи во зависност од тоа дали и во каков режим ќе работи гасната електрана ТЕ-ТО, која, како нуспроизвод од производството на електрична енергија, испорачува топлина во системот за парно греење во Скопје – информираа од компанијата.
Ако не се набави гас за топланите (Исток, Запад, Скопје-Север и онаа во Железара), тогаш главниот град ќе мора да се грее на мазут. Според оперативниот план за работа на топланите со гас, граничниот праг за дозволено загадување е десетици пати понизок отколку кога се користи мазут. Дополнителен проблем е кога би се префрлиле топланите на гас, би почнале да вградуваат филтри за помало загадување. Сега, доколку се вратат на мазут, ќе треба да бараат А-интегрирани еколошки дозволи, за што се потребни многу вложувања, а има премалку време.
Екологистите и експертите велат дека ако со мазут ја спасуваме грејната сезона, тоа ќе биде на штета на сите. Од „02 иницијатива“ потенцираат дека враќањето на мазутот како енергенс ќе значи дека сите повторно ќе станеме колатерална жртва, бидејќи ќе ги трпиме последиците од загадениот воздух.
– Во услови на застрашувачка енергетска криза, никој не мисли на загадувањето. Надлежните инспекциски служби треба да вршат детални контроли од каде ќе биде увезен мазутот и на неговиот состав, бидејќи досегашното искуство покажа огромни скандали токму на оваа тема – децидни се од „02 иницијатива“.
Оттаму потсетуваат дека државните здравствени објекти (во државава ги има околу 60) се најголеми загадувачи на воздухот, затоа што нивните топлани користат мазут, нафта или дрво за затоплување, а за тоа годишно се трошат милиони евра. А, познато е дека употребата на фосилните горива е штетна за животната средина.
Загадениот воздух со години, по крадиоваскуларните болести, е втората најчеста причина за умирање на македонските граѓани. Експертите се едногласни – се доцни со набавката на енергенси за грејната сезона. Сметаат дека набавките на мазут и на гас требало да бидат готови во март за да не се доведуваме во ситуација да молиме за по многу повисоки цени, да се соочуваме со недостиг на енергенси, чија цена постојано расте.
Тврдењата на експертите одат во линија на она што го јавуваат светските медиуми. Снабдувањето со руски гас за Европа се намали оваа година, но сега е на многу ниско ниво по затворањето на гасоводот Северен тек 1 од Русија до Германија на почетокот од септември и протекувањата откриени на системот на гасоводот минатата недела.
Доколку Москва се закани дека ќе ја санкционира украинската енергетска компанија „Нафтогас“, една од последните функционални рути за снабдување со гас во Европа може да биде затворена, што ќе ја влоши енергетската криза токму кога започнува клучната зимска грејна сезона.