Тони Михајловски – добитник на театарската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2024 година
Од велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ денеска објавија дека Тони Михајловски (1967), театарски и филмски актер кој над триесет години е дел од македонската култура и уметност, почитуван поради својот талент и посветеност, е добитник на театарската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2024 година.
Ова е одлуката на жири комисијата во состав: Фаик Мефаиловски – претставник на Општина Велес, Благојчо Стојанов – претставник на Општина Велес и Слободанка Чичевска – актер, претставник на НУЦК театар „ЈХК- Џинот” Велес.
Михајловски првата улога во театар ја остварува во 1991 година во представата „Крик” во продукција на МНТ.
Тони Михајловски е пред се актер, но и тв водител, режисер и текстописец.
– Преку сите овие области тој се етаблира во една од најсестраните личности во македонската култура и уметност и во секоја од нив остварува автентични, препознатливи изведби и дела, забележани и од публиката и од критиката. Преку остварените ликови тој испишува голем дел во историјата на театарот. Михајловски е актер кој вредно и трпеливо ја гради својата кариера и прерасна во една од најдоминантните појави не само на македонската, туку и на балканската театарска и филмска сцена. Тој е еден од ретките наши актери чиј широк актерски распон е препознаен, видлив и вреднуван и надвор од нашата домашна продукција. Актер кој стана миленик на публиката од целиот Балкан, комплексна актерска личност кој реализира карактерни креации без исклучок дали се главни или споредни, низ кои се препознава и надоградува стилот на неговата игра: сигурноста и квалитетот на индивидуалноста на Михајловски, неговата енергија и страст кон даските што живот значат, кон камерата и моќта да го постави и толкува ликот низ неговата душа. Со појавата на Тони Михајловски театарот и филмот како медиуми станаа побогати, а публиката е таа која со нетрпение го исчекува секој негов нов лик, ново искуство, нова потврда на неговата актерска величина – потенцираат во образложението за наградата.
Додаваат дека неговата прецизна игра и можност за широка трансформација, од 2023 год несебично ја пренесува на следните генерации млади кои имаат интерес, а и желба за актерство преку „Актерско студио Михајловски”.
Потсетуваат дека за неговата работа како актер, доказ се и многубројните награди кои ги има добиено.