Не запираат реакциите по објавувањето на писменото образложение на пресудата во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, која веќе заработи оценка дека е скандалозна од повеќе релевантни инстанци. Пресудата го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум, односно ИРЛ не е здружение за ’новинарски известувања’, дека нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Закон за медиуми, a неговите членови немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање.
Уредничката од БИРН Македонија, Тамара Чаусидис, вели дека самата пресуда на судот е скандалозна бидејќи на тој начин тие се обиделе да го делегитимираат новинарството со тврдење дека невладина организација нема право да практикува новинарство. Дополнително Чаусидис вели дека овој дефект не лежи во интелектот на поединечни судии туку во нивното чувство дека се може да помине доколку се нареди доволно долга низа на апсурди и се повикуваат на закон.
„Не е точно дека Законот за медиуми ‘изричито наведува дека медиуми меѓу друго не претставуваат здруженијата’. Тоа напросто не пишува во Законот. Оттаму главната теза на пресудата не е ништо друго туку обид да се воведе некакво ново ‘лиценцирање’ на медиумите, овој пат од страна на судот. Фактот дека таквиот обид не е особено интелигентен, не го прави безопасен“ – вели Чаусидис во изјава за ИРЛ.
Новинарката и уредничка во „Независен весник“, Слободанка Јовановска, вели дека како дополнителен проблем со оваа скандалозна одлука на судот се јавува и негативната забелешка од меѓународниот фактор кој ја следи слободата на говорот и улогата на судот кој постојано е мета на критики и од внатре и од надвор.
„Судијката Јованка Спировска Панева со оваа пресуда сака да укине медиум. Такво нешто не се случило на нашиве простори од 1945 година ниту било која демократска држава. Ова многу потсетува на руската и унгарската практика воведена со регулативата за соработка со странски агенти, кога сите што работат со грантови и проекти се санкционирани. Уште ова им требаше за извештајот од Европската комисија“ – вели Слободанка Јовановска.
Главниот и одговорен уредник на „360 степени“, Васко Попетревски, изјави дека самото тоа што „спорната“ емисија е емитувана на јавниот сервис е доволен показател дека ова е медиумски производ, а ИРЛ новинарска организација.
„Производот е емитуван на медиум и тоа не на кој било медиум, туку на јавниот радиодифузен сервис. Тој медиум има одговорен уредник, кој проценил дека содржината ги исполнува потребните професионални стандарди и ги почитува одредбите од Кодексот на новинари, и решил да го објави. Уште еднаш ќе повторам – на медиум. Така што, обидите емитуваната содржина да се сведе на неновинарска и немедиумска, од една страна, е смешна, но од друга – опасна, иако најверојатно целта на тој пристап е да се избегне примена на праксата на Европскиот суд за човекови права, која би одела во полза на ИРЛ. Новинарската работа на ИРЛ досега е признаена не само во домашната, туку и во меѓународната новинарска заедница, за што производите на оваа редакција имаат добиено бројни престижни домашни и меѓународни новинарски награди. Пресудата е опасна и не смее да се премолчи затоа што, на мала врата, се обидува да промовира „лиценцирање“ за тоа кој е новинар, и тоа од државна институција, што го нема во ниедна демократска земја. Ако има релевантна инстанца во земјава која одредува кој е новинар, тогаш тоа, дефинитивно, е Здружението на новинарите“ – кажа Васко Попетревски.