ТМФ прослави 65 години академски импакт врз македонското стопанство
Со богата академска историја зад себе, Технолошко – металуршкиот факултет (ТМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” е еден од креаторите на иднината на македонското стопанство преку обезбедување висококвалитетен образoван кадар. Факултетот по повод 65-годишнината од основањето, на свечената прослава во своите простории, ги собра сите кои оставиле трага во работењето на оваа истакната образовна и научно –истражувачка институција. На свеченоста присуствуваа и претседателката на Р.С. Македонија, Гордана Сиљановска Давкова и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Билјана Ангелова.
ТМФ почнува со работа во 1959 година со запишување на првите 84 студенти. Од 1965 година е во составот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, во чии рамки работи и денес. За влогот на институцијата во македонското современо стопанство говореше деканот на Технолошко -Металуршкиот факултет, професор д-р Стефан Кувенџиев.
„Од основањето, Факултетот се развива и се адаптира на современите трендови на технолошкиот развој, стремејќи се кон академска извонредност, со што стоички се носи со титулата лидер во областа на технолошкото и металуршкото инженерство не само на Универзитетот „Св. Кирил иМетодиј”, туку и во овој дел од Балканот и Европа. Најважните ресурси на факултетот се наставниците, соработниците, ненаставниот кадар и студентите, идните инженери технолози и металурзи. За сите нас, обезбедувањето висококвалитетен образовен процес е императив, а согласно стратегијата за развој на факултетот, наставниот и ненаставниот кадар е посветен на интензивирање на активноста за создавање флексибилни интердисциплинарни програми кои ќе им обезбедат широк спектар на вештини на идните дипломирани технолози и металурзи”, рече Кувенџиев.
Прославата стартуваше со свечено доделување на дипломи на магистрираните и на дипломираните студенти во учебната 2022/2023 година, по што беа доделени плакети на истакнати личности кои дипломирале на Технолошко -металуршкиот факултет, вработени на ТМФ со навршени 35 години стаж и благодарници на компаниите — партнери на факултетот.
„Оваа годишнина не е само доказ за текот на времето, туку прослава на жестокиот стремеж кон извонредност, иновација и посветеност што ја дефинира нашата институција од нејзиното основање. Во овој пригоден јубилеј, со гордост ја претставуваме Монографијата „65 години Технолошко-металуршки факултет”, публикација која се обидува да ги овековечи значајните пресвртници, трансформативните моменти и непоколебливиот дух што го обликуваат нашиот факултет. Оваа монографија е повеќе од историски запис, таа е почит кон визионерите, едукаторите, истражувачите и студентите кои придонеле за нашата богата палета достигнувања” , истакна проф. д-р Бети Андоновиќ.
„Ми претставува чест и задоволство на целокупниот наставно-научен кадар и на сите студенти да го честитам овој голем јубилеј, шест и пол децениското постоење на Технолошко – металуршкиот факултет, како истакната образовна и научно-истражувачка институција во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, која низ годините продуцирала многу дипломирани инженери, магистри, доктори на науки, коишто оставиле белег и дале придонес во развојот на македонското општество. За вредностите коишто се создаваат на овој факултет и за апликативната работа што се негува на неговите институти, сведочи и модната ревија што ја подготвија студентите на Институтот за текстилно инженерство и вистински уживав во креациите на овие млади модни творци кои ја доловија суштината на времето, преку интеракција на модата од минатото, сегашноста и иднината”, рече претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова.
Согласно со тековните акредитации на високообразовните програми, Технолошко-металуршкиот факултет има акредитирано 8 студиски програми на прв циклус студии, 13 студиски програми на втор циклус студии и 2 студиски програми на трет циклус студии.
„Оваа јубилејна прослава на ТМФ е сведоштво за долготрајна посветеност на образованието, иновациите и напредокот во полето на технологијата и металургијата. Во изминатите шест и пол децении, факултетот продуцираше генерации експерти кои оставија свој белег во индустријата, науката и општеството. Во светот полн со предизвици и брзи технолошки промени, потребата за иновации е поголема од кога било, вие, денешните дипломци, верувам дека сте подготвени да ги искористите вашите знаења и вештини и да придонесете кон напредокот на индустријата. Бидете храбри, креативни и посветени во вашите професионални настојувања. Вашиот напредок и учење не застанува со завршувањето на студиите, секогаш потсетувајте се на вредностите кои ги негуваме додека студирате на ТМФ”, потенцираше ректорката на УКИМ, професор д-р Билјана Ангелова.
Модната ревија што ја подготвија студентите од Институтот за текстилно инженерство, под менторство на професор Лидија Георгиева се реализираше во Аулата на ТМФ. Покрај студентите со сопствени креации се претставија веќе афирмирани креатори кои студирале на ТМФ. Годинава, традиционалната модна ревија беше на тема „Време”, каде студентите го истражуваа поимот како континуум, река која постојано тече и со себе го носи наследството од минатото низ патеките кон иднината.