Тито „да се врати во Кумровец“ – иницијатива на градоначалникот на Белград

Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, во понеделникот ја најави иницијативата за преместување на гробот на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито од Музејот на Југославија и гробовите на четворица народни херои Моше Пијада, Иво Лола Рибар, Ѓура Ѓаковиќ, Иван Милутиновиќ од Калемегдан, велејќи дека „еднаш засекогаш треба да расчистат со болшевизмот и комунизмот“.

Шапиќ, поранешен ватерполист и еден од лидерите на владејачката Српска напредна партија, на прес-конференцијата најави дека во паркот на Теразијската тераса во центарот на градот ќе биде подигнат споменик на четничкиот генерал Дража Михајловиќ.

„Треба еднаш засекогаш да се ослободиме од болшевизмот и комунизмот, кои беа погубни за српскиот народ“, посочи Шапиќ.

Шапиќ, најави дека лично ќе се заложи отстранувањето на гробот на Тито да биде достојна ексхумација, „а не варварски чин“. Тој рече дека Градот не е одговорен за преместувањето на гробот на Тито и другите и дека последниот збор треба да го каже Министерството за култура.

„Не можам да влијаам на таа одлука, ниту градот Белград може правно или формално да влијае, но мислам дека преместувањето на Јосип Броз Тито од Музејот на Југославија (на Дедиње) е исклучително важна работа за српскиот народ и за иднината на оваа земја. Исто како и преместувањето на Моша Пијада, Иво Лола Рибар, Ѓура Ѓаковиќ, Иван Милутиновиќ од Калемегданската тврдина, од просторот што е наше најголемо културно наследство, старо 2.000 години“, изјави Шапиќ пред новинарите во Градското собрание.

Тој додаде дека одлуката за ова ја носи Министерството за култура и дека Калемегдан е под заштита на Заводот за заштита на спомениците на Србија, како и дека и Музејот на Југославија е во надлежност на Министерството за култура.

„Она што можам да го кажам е дека јас лично и градските служби ќе помогнеме максимално доколку се донесе одлука да се изврши квалитетна ексхумација, овие тела да се префрлат таму каде што ќе одлучиме. Ако можеа Шпанците, по 44 години генерал Франко да го изместат на некои нормални гробишта, ние не сме варвари за разлика од истите тие болшевици и комунисти кои ги расфрлаа коските на генералот Дража Михајловиќ за да не знаеме каде се до денес“, рече Шапиќ.

За иницијативата за поставување споменик на Дража Михаиловиќ во центарот на градот, тој рече дека „тој тоа го заслужил“.

Шапиќ претходно најави дека ќе побара Куќата на цвеќето и Музејот на Југославија да станат „музеј на српската историја“, а Јосип Броз Тито „да се врати во Кумровец“.

Српскиот вицепремиер Александар Вулин ја критикуваше најавата на белградскиот градоначалник Александар Шапиќ дека ќе му подигне споменик на Дража Михаиловиќ на Теразиска тераса, а гробот на Јосип Броз Тито ќе биде преместен од Белград.

„Србија не е Украина или Литванија, па урива споменици на антифашисти и уништува се што било пред генерацијата што сега владее. Ако Шапиќ мисли осумдесетгодишнината од ослободувањето на Белград да ја одбележи со уривање споменици на партизаните, тогаш изгледа не разбрал дека Белград го ослободиле партизаните и Црвената армија и дека не се работи за политички убедувања или однос кон политичката практика на Јосип Броз Тито, туку тоа е непобитен факт. Преместувањето на гробот на Тито би било само одлична можност за кавга, а голем подарок за Сараево или Загреб, кои едвај би дочекале да го погребаат и самите себе, да се прикажат како продолжувачи на антифашистичката традиција. Многу земји одбија да го признаат т.н. Косово, бидејќи тие ја сметаат Србија за наследник на СФРЈ, која каква и да била ја предводеше Тито“, порача Вулин.

Социјалистичката партија на Србија (СПС) сигурно нема да го поддржат иселувањето на Јосип Броз Тито од Куќата на цвеќето, изјави лидерот на СПС Ивица Дачиќ за Данас, реагирајќи на изјавата на Александар Шапиќ, градоначалникот на Белград, дека преместувањето на Јосип Броз од Музејот на Југославија е крајно важно за српскиот народ, како и отстранување на посмртните останки на четворица народни херои од Калемегданската тврдина.

Лидерот на социјалистите Ивица Дачиќ, кој е во коалиција со СНС и со чии гласови Шапиќ стана градоначалник на Белград, смета дека „историјата не може да се избрише“.