Тешка сообраќајка кај Баварија, седум луѓе загинаа – затворен е автопатот кон Минхен

Најмалку седум лица загинале во тешка сообраќајна несреќа во германската покраина Баварија на автопатот 94. Се сомнева дека несреќата ја предизвикало возило во кое се криумчареле мигранти.

Како што пренесува Шпигел, ситуацијата во моментов е нејасна и се стравува дека бројот на мртви е уште повисок. Полицијата во Розенхајм извести дека има повеќе повредени, некои потешко.

Според споменатиот портал, несреќата ја предизвикал возачот на целосно преполно комбе во кое имало повеќе од 20 луѓе, кој бегал од полициска контрола.

Според локалната полиција, нивните полицајци се обидувале да проверат автомобил кој се движел на исток кон Минхен.

Возачот тогаш ненадејно забрзал, излетал од патот на раскрсницата Ампфинг/Валдкрајбург и доживеал несреќа околу 03:15 часот.

Во автомобилот имало и деца кои исто така се повредени, изјави портпаролот на полицијата. На местото на несреќата дежураат голем број работници за брза помош и пожарникари. Повредените се пренесени во блиските болници.

Автопатот е целосно затворен во правец на Минхен, а привремено е затворен и патот во правец на Пасау.

Излезот Ампфинг/Валдкрајбург е на околу 50 километри од границата со Австрија.

Според информациите на Федералната полиција и Баварската гранична полиција, бројот на регистрирани неовластени влегувања во Германија со месеци се зголемува.