
Народната изрека „на еден да му се стемни, за на друг да му се раздени“ буквално се остварува кога општина Тетово носи урбанистички одлуки – пренесува телевизија Телма.
Иако еднаш го одбила барањето за градба, истата служба подоцна донела спротивна одлука. Резултатот: Живка Велјановска и нејзиниот сосед останале без дневна светлина поради новоизграден објект веднаш до нивната куќа.
Во собата на Велјановска нема ниту зрак природна светлина откако покрај нејзината куќа бил изграден нов објект.
Таа за Телма изјави дека институциите носеле контрадикторни решенија и дека со месеци се обидува да добие правична реакција.
Иако, според Велјановска, не е почитувано минималното растојание меѓу објектите и прозорците се целосно блокирани, шест месеци чека одлука од Управниот и Вишиот управен суд.
„Се соочуваме со неправда и постојани проблеми со соседот. Инспекции и полиција сме викале, но никој не реагира“, изјави таа за Телма.
Општина Тетово и Министерството за транспорт и врски велат дека документацијата е во ред и дека постапките се водат согласно Законот за општа управна постапка. Случајот е уште во тек.