Спомнувањето на светските автомобилски теми во Македонија, по правило предизвикува смеење. Иронично смеење. Автомобил од компакт класа денес чини 25.000 евра, а платите се несменети уште од 2000-те години. Електричните автомобили ја сочувуваат животната средина, а струјата за нив се добива од јаглен за чијшто увоз се надлежни некои чудни структури. Европските градови имаат еко-зони во коишто се вози темпо 30, а скопските автопати имаат зелен бран што е натокмен за темпо 100. Најновата тема за не-смеење: Во Влада.мк решиле да ѝ помогнат на една пропадната германска марка и милиони народни пари да се потрошат на божемна фабрика за електрични автомобили, којашто само за малку нема да се изгради.
Германците за тоа велат дека е „шнапс-идее“, односно оригинално Schnapsidee. Тоа е една од оние вредни идеи што доаѓаат кога човек е малку повеќе поднапиен, и во таква блажена состојба цени дека таа идеја е решение за сите проблеми во светот. Попродуктивните генерации на овие простори, порано кажуваа „како мали Ѓокица замислува…“ За денешнава вест од влада.мк, ќе биде потребно малку посликовито објаснување. Замислете си дечиња што во убаво темперирано августовско претпладне се седнати во урбаномафијашки усмрден микро-парк пред зграда, и во пауза меѓу шах и жмурки се договараат да произведуваат електрични автомобили.
Така денес Македонија дозна дека оние чудните структури се решиле да произведуваат електрични автомобили. Можеби нема да биде токму Mercedes EQS SUV, дизајниран од Славче Таневски, а нема да биде ниту Peugeot e-208, со којшто лани докажавме дека може без проблем и во максимална електро-еуфорија да се вози до мариовска Градешница и назад. Но, овој автомобил е голема надеж. Досега не успеал да се пробие на сцената и компанијата банкротирала веројатно шеснаесетпати, но проблемот очигледно е во тоа што автомобилот не се произведува во Тетово.
Станува збор за еден спин-оф на Рајнско-Вестфалиски Технички Универзитет Ахен, почнат во времето кога електромобилноста уште беше ентузијазам и луѓе веруваа дека од сопствената гаража можат да го сменат светот и преку ноќ да го префрлат да се вози на струја. Компанијата денес се води под Next e.GO mobile SE и на автомобилската сцена има апсолутно ултрамаргинално значење. Не постои производител што помалку значи на автомобилскиот пазар. Концептот на автомобилот и технологијата за истиот потекнуваат од раните 2010-ти години. Значи, утка уште пред старт.
На тест-возење во прочуениот германски магазин Ауто Билд, нашите ценети колеги заборавија секаков патриотизам и навивачка еуфорија и оценија дека тоа е најлошиот автомобил што воопшто се појавил на тест во историјата на магазинот. Дури и името на автомобилот е останато во тие времиња, кога се замислуваше како еден ден ќе изгледа електромобилоста: Автомобилот се нарекува e.Go.
Несреќниот e.Go досега никој не го сакал, и нема ниту да го сака, затоа што е катастрофално лош автомобил, во поглед на изработката, во поглед на комфорот, во поглед на индустриското искуство. Најголемиот дел од историјата на автомобилот, помината е во навивање. Исто како Македонија што се надева дека еден ден ќе доживее пристојна власт, така и автомобилската сцена, барем еден микро-дел од неа, се надеваше и очекуваше дека e.Go еден ден ќе стане хит на пазарот.
Целата замисла пропадна откако Германија воведе субвенции за електрични автомобили. Поточно, крајот за Next e.GO Mobile дојде кога германските власти ги зголемија субвенциите. Производителите учествуваат со 3.000 евра во субвенционирањето на електричните автомобили, државата на тоа додава уште 6.000 евра. Тие 3.000 евра за Next e.GO беа премногу. Заработката што компанијата имаше намера да ја постигнува, доколку еден ден се оствареше првичната намера за e.Go да почне да се произведува во нормална серија, беше помала од субвенцијата од 3.000 евра, што производителот требаше да ја „одзема“ од цената на автомобилот.