Терористички напад во Ерусалим: Тројца цивили и двајца напаѓачи убиени, осуммина повредени

Три лица загинаа, а осуммина се ранети, од кои двајца потешко, во терористички напад на влезот во Ерусалим, пренесува „Тајмс оф Израел“ повикувајќи се на информации од полицијата и медицинските лица. Според информациите, кои ги пренесуваат странските медиуми, загинати се и двајцата напаѓачи.

На самото место загината е една 24-годишна жена, а 70-годишен маж им подлегнал на повредите на пат кон болница. „Гардијан“ пренесува дека третата жртва е една постара жена која им подлегнала на повредите.

Според полицијата, околу 7:40 часот двајца палестински вооружени лица излегле од возило на улицата „Вајзман“ на главниот влез во градот и отвориле оган кон луѓето на автобуска постојка.

„Двајца терористи кои пристигнаа на местото на настанот со возило вооружено со оружје пукаа кон цивили на автобуска станица, а тие беа совладани од безбедносните сили и еден цивил кој се наоѓаше во близина“, соопшти израелската полиција.

Идентитетот на напаѓачите не е веднаш соопштен, но дел од локалните медиуми објавија дека се од источен Ерусалим.

Според агенцијата за безбедност Шин Бет, двајцата биле членови на Хамас и претходно биле затворени за терористичка активност.