Членките на Европската Унија набрзина подготвуваат планови за намалување на потрошувачката на енергија поради страв од недостиг што се заканува во зима.
Резервите на гас во ЕУ во моментов се полни 71 отсто, што е околу девет отсто помалку од целта поставена од ЕУ претходно ова лето до 1 ноември.
Земјите-членки ветија дека ќе ја намалат побарувачката на гас за 15 проценти до март како дел од мерките. Влоговите не се исти низ ЕУ. Во Германија, исклучувањето на рускиот гас тешко ќе ја погоди индустријата и ќе влијае на способноста на луѓето да ги загреат своите домови.
Во Шведска и Финска, каде гасот сочинува помал дел од целокупната енергетска шема, влијанието би било помалку драстично.
Голем број земји во ризик, вклучително и Германија и Франција, воведоа планови за намалување на потрошувачката на енергија. Тоа ќе има „големо влијание“ врз намалувањето на потрошувачката во ЕУ, изјави Антонин Чапелот, политички лидер на невладината организација „Коалиција за заштеда на енергија“.
Тој нагласи дека покрај непосредните мерки насочени кон преживување на зимата, владите ќе треба да преземат и долгорочни чекори, на пример да ги реновираат зградите за да ги направат енергетски поефикасни и да се префрлат на поеколошки технологии за централно греење.
Во средината на јули, Франција објави план за „енергетска трезвеност“. Најголем дел од мерките се уште се во фаза на нацрт и се очекува да бидат претставени на крајот на септември. Агнес Паниер-Рунахер, министерката за енергетска транзиција, предупреди дека властите имаат намера да им забранат на продавниците да ги оставаат вратите отворени додека работат климатизација и греење.
Исто така, планот е да се забрани функционирање на светлечки реклами во сите градови во периодот од еден до шест часот наутро. Оваа мерка е веќе воведена во градовите со помалку од 800.000 жители. Париз очекува со новиот план да ја намали потрошувачката на енергија за 10 отсто во споредба со 2019 до 2024 година. Франција увезува околу една петтина од својот природен гас од Русија.
Шпанија зазеде порадикален пристап од другите земји на ЕУ. Веќе донесе уредба со која ги обврзува компаниите да ја постават климата на 27 Целзиусови степени во лето, а греењето на 19 степени во претстојната зима.
Владата им нареди на продавниците да постават автоматски брави за да не се остават отворени вратите додека е вклучено парното, а исто така да се затемнат прозорците од 22 часот. Домаќинствата во моментов не се обврзани да ги почитуваат овие мерки.
Шпанија добива само околу 10 отсто од гасот од Русија. И покрај ова, шпанската позиција е дека мерките можат краткорочно да ја намалат потрошувачката на гас и нафта за пет отсто, што би ги доближило до целта за намалување на потрошувачката на енергија за седум отсто до март следната година.
Германија е најголемата зависна од рускиот гас и еден од најгласните поборници за штедење. Сепак, сè уште нема обврзувачки план за намалување на потрошувачката на енергија. На крајот на јули беа издадени низа препораки, од кои некои ќе станат правно обврзувачки.
Владата ги повика јавните и деловните згради да престанат да ги загреваат „просториите каде луѓето не го поминуваат поголемиот дел од своето време“, како што се ходниците и големите сали. Големите индустрии, но и домаќинствата се поканети да штедат, а тоа е одржување на минималната температура во становите.
Роберт Хабек, германскиот министер за економија, минатата недела објави нови регулативи кои ќе се однесуваат на заштеда на енергија. Во јавните објекти ќе се дозволи греење на максимални 19 степени Целзиусови, зградите и спомениците нема да се осветлуваат ноќе, ниту пак рекламните билборди.