„Телеграф“: Приемот на Бугарија во Еврозоната може да доведе до нова должничка криза по грчкиот пример

Бугарија на почетокот на годинава стана 21-ва членка на Еврозоната во време кога се соочува со политички превирања, широко распространета корупцијата и раст на државниот долг, што може да биде причина за следната финансиска криза во Европа, оценува лондонскиот весник „Телеграф“.

Бугарија на почетокот на годинава стана 21-ва членка на Еврозоната во време кога се соочува со политички превирања, широко распространета корупцијата и раст на државниот долг, што може да биде причина за следната финансиска криза во Европа, оценува лондонскиот весник „Телеграф“.

Весникот посочува дека Европската централна банка (ЕЦБ) се надеваше дека Еврозоната ќе ја пречека својата нова членка со стабилна Влада, ентузијастичка јавна поддршка за еврото и просперитетна индустриска база.

– Наместо тоа, нејзината Влада штотуку падна, има јавни протести поради корупцијата, а обичните Бугари, кои не беа прашани за нивното мислења на референдум, изгледаат многу воздржани во врска со целиот проект, се наведува во текстот.

„Телеграф“ додава дека Бугарија, која е меѓу најсиромашните земји во ЕУ со БДП по глава на жител од 17.600 долари, тешко дека може да се смета како пример за фискална одговорност или политичка стабилност.

– Таа постојано не успева да ги постигне своите цели за инфлацијата, при што инфлациската стапка достигна 16 отсто во 2022 година. Таа е жестоко поделена политички, со збунувачка серија избори и осум премиери од 2020 година, ако ги вклучиме и привремените администрации, и не може да се пофали со отплатата на своите долгови, се оценува во анализата.

Во неа се наведува дека за волја на вистината кога станува збор за долговите, Бугарија историски не може да се споредува со Грција, кој во последните 200 години шест пати се доведе во состојба да не може да ги отплаќа своите долгови, но бугарскиот лев имаше четири големи ревалоризации од независноста на земјата.

Покрај ова, смета весникот, периодот на нестабилни бугарски влади резултира со зголемување на трошоците за нивно останување на власт, што предизвикува зголемување на државниот долг, кој ќе продолжи да расте сè додека не стане неодржлив, додека пазарите не ги „затворат славините“ и не се урне економијата.

– Накусо, повторно ќе ја има грчката криза, заклучува „Телeграф“.

Сепак, според весникот, овој пат проблем е што Еврозоната е во многу полоша состојба отколку во време на избувнувањето на грчката должничка криза во 2010 година.

– Долговите на Франција излегоа од контрола. Уделот на нејзиниот долг во БДП се зголеми од 81 на 114 отсто. Германија се впушти во масовна треска предизвикана од долгови и повеќе не е во позиција да ги спасува своите соседи. И самата ЕУ сега е задолжена со огромни долгови, смета лондонскиот весник.

Во анализата се додава дека дополнителна неизвесност е тоа што не постои вистинска претстава за билансот на состојбата на ЕЦБ по „годините тајни интервенции на пазарот“, но не е охрабрувачки тоа што минатата година Банката објави рекордна загуба од речиси осум милијарди евра.

– Денес блокот се дави во долгови. Се откажа од сите ограничувања за задолжувањето, неговата индустриска база се урива, зависи од увезената енергија и е далеку зад САД. Наскоро ќе биде и зад Кина. Сè што ќе биде потребно е една искра за да се запали уште една криза по грчкиот пример. Неа би можела да ја предизвика Бугарија, но сега е веќе предоцна да се направи нешто за да се спречи тоа, заклучува „Телеграф“.

Во такви услови, според весникот, вреди да се напомне дека успешните економии во рамките на ЕУ, како што се Полска и Чешка, не покажуваат апсолутно никаков интерес да имаат каква било врска со еврото, иако се законски обврзани да се приклучат кон Еврозоната.