Претставници на националните театри на Србија, Северна Македонија и Албанија денеска во Владата на Србија потпишаа протокол за соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, јавија белградските медиуми.
Договорот, што беше инициран на неодамнешниот форум „Отворен Балкан“ во Охрид, го потпишаа в.д. директорот на Народниот театар од Белград Светислав Буле Гончиќ, директорот на Националната опера и балет од Скопје Васо Ристов и Абигајла Воштина од Народен театар за опера и балет од Тирана, а потоа ќе го потпише и претставничката на Македонскиот народен театар, Симона Угриновска.
Документот беше потпишан по разговорите во Белград каде претставниците на националните куќи „се договорија, се согласија и го зацртаа основниот пат на еден ваков фестивал“, рече Гончиќ.
Изразувајќи надеж дека фестивалот „ќе има позитивно влијание и врз публиката и врз самите творци“, Гончиќ додаде дека во следните неколку месеци ќе се направат подготовки за практично да се спроведе договорот.