„Твитер“ почна да наплаќа за синото лого

„Твитер“ во саботата ја ажурираше својата апликација во „Еп-стор“ на „Епл“ за да почне да наплаќа 8 долари за синото лого што означува верификуван профил, потег што го најави новиот шеф на компанијата, Илон Маск.

Апликацијата за iPhone на оваа социјална мрежа во саботата вечерта доби ажурирање, со кое, меѓу другото, се воведува наплатата на сината птица која досега служеше за означување на проверени профили на јавни личности. Ова ќе чини 7.99 долари месечно, преку услугата „Твитер блу“.

Во ажурирањето се наведува: „Набавете Twitter Blue за 7.99 долари месечно ако се претплатите сега за сината ознака. ‘Моќ за луѓето’: вашиот профил ќе добие сина ознака, исто како познатите личности, компаниите и политичарите што веќе ги следите“.

Инаку, фразата „Моќ за луѓето“ ја употреби Маск во своите објави на „Твитер“ бранејќи ја одлуката да почне да се наплаќа за синиот знак. Оваа одлука доаѓа една недела откако Илон Маск го купи „Твитер“ за 44 милијарди долари. Милијардерот во петокот ја преполови работната сила на компанијата, отпуштајќи речиси 4.000 вработени.