Тајфунот Шаншан ја погоди Јапонија, најмалку три лица загинаа

Најмалку три лица загинаа денеска во југозападниот дел на Јапонија, кој беше погоден од тајфунот Шаншан со обилни врнежи од дожд и многу силен ветер, кој остави повеќе од 250.000 домаќинства без струја, а исто така го прекина воздушниот и железничкиот сообраќај.

Тајфунот, со удари на ветер до 198 километри на час, утрово падна на копно во близина на градот Сатсумасендаи, на југозападниот остров Кјушу, објави метеоролошката агенција.

Три лица загинаа, едно е исчезнато, двајца се тешко повредени, а пет се здобиле со полесни повреди како последица на тајфунот, изјави секретарот на јапонската влада Јошимаса Хајаши, пренесе Ројтерс.

„Бидејќи овој тајфун се движи бавно, вкупните врнежи би можеле да бидат доста големи“, рече Хајаши на прес-конференција.

Властите предупредија дека бурата би можела да биде една од најсилните што некогаш го погодила регионот, а локалните власти издадоа наредби за евакуација на милиони жители во неколку префектури. Снимките од јапонскиот јавен радиодифузер NHK покажаа срушени ѕидови и скршени стакла на зградите во градот Мијазаки на југот на Кјушу, според агенцијата.

Повеќе од 250.000 домаќинства во седум префектури утрово се соочија со прекин на струја, се вели во соопштението на локалниот дистрибутер.