
Тајланд започна воздушни напади долж спорната граница со Камбоџа по меѓусебни обвинувања за кршење на примирјето. Еден тајландски војник загина, а илјадници цивили се евакуираат по новите судири.
Тајланд изврши воздушни напади долж спорната граница со Камбоџа, соопшти тајландската војска, откако двете земји се меѓусебно се обвинија за прекршување на договорот за прекин на огнот во кој посредуваше американскиот претседател Трамп.
Најмалку еден тајландски војник е убиен, а четворица се ранети во новите судири што избувнаа околу два региона во најисточната покраина Убон Ратчатани, соопшти тајландската војска, наведувајќи дека нивните единици се нашле под камбоџански оган.
„Тајландската страна сега започна да користи авиони за напади врз воени цели во неколку области,“ се вели во изјавата.
Обострани обвинувања за кршење на примирјето
Министерството за одбрана на Камбоџа изјави дека тајландската армија извршила напади на нивните сили на две локации на разденување, по неколкудневни провокативни акции, додавајќи дека камбоџанските единици не возвратиле.
Граничниот спор ескалираше во петдневна војна во јули, пред постигнувањето на договорот за прекин на огнот во кој посредуваа малезискиот премиер Анвар Ибрахим и американскиот претседател Доналд Трамп. Тој исто така присуствуваше на потпишувањето на проширениот мировен договор меѓу двете земји во Куала Лумпур во октомври.
Тешки последици од конфликтот
Најмалку 48 луѓе беа убиени, а околу 300.000 привремено раселени за време на јулските судири, при што двете земји разменуваа ракети и тешка артилериска оган.
Но по експлозијата на нагазна мина минатиот месец, во која беше тешко повреден еден од нивните војници, Тајланд објави дека ја стопира примената на договорот за прекин на огнот со Камбоџа.
Во Тајланд се евакуираат повеќе од 385.000 цивили во четири погранични окрузи, а над 35.000 веќе се сместени во привремени засолништа, соопшти тајландската војска.
Тајланд и Камбоџа повеќе од еден век имаат спор околу суверенитетот над неозначени делови од копнената граница долга 817 километри, која првпат ја мапира Франција во 1907 година, кога Камбоџа била француска колонија.