
Тајланд ја обвинува Камбоџа за прекршување на прекинот на огнот
Тајландската војска денеска ги обвини камбоџанските сили за прекршување на договорот за прекин на огнот на три одделни локации долж спорната граница, предупредувајќи дека континуираната агресија би можела да ги принуди тајландските сили да одговорат порешително.
Тајландската војска денеска ги обвини камбоџанските сили за прекршување на договорот за прекин на огнот на три одделни локации долж спорната граница, предупредувајќи дека континуираната агресија би можела да ги принуди тајландските сили да одговорат порешително.
Тајланд денеска соопшти дека камбоџанските сили пукале врз позиции во североисточната покраина Сисакет на Тајланд, на северната граница на Камбоџа.
-Камбоџанските сили користеле мало оружје и фрлачи на гранати, што го натерало Тајланд да одговори во самоодбрана, изјави пред новинарите портпаролот на тајландската војска, генерал-мајор Винтаи Сувари.
Тој рече дека ова е втор инцидент од договорот за прекин на огнот и дека одразува однесување кое не ги почитува договорите, ги поткопува напорите за деескалација и ја нарушува довербата меѓу двете земји.
Тврдењата доаѓаат помалку од два дена откако двете влади се согласија за прекин на огнот постигнат во Малезија, кој стапи на сила на полноќ во понеделник, со цел запирање на борбите и спречување на ескалација по петдневните интензивни борби во кои загинаа најмалку 43 лица и беа раселени повеќе од 300.000 цивили од двете страни.
Примирјето следеше по континуираниот притисок од малезискиот премиер Анвар Ибрахим и американскиот претседател Доналд Трамп, а Белата куќа ги предупреди тајландските и камбоџанските лидери дека трговските разговори со САД нема да напредуваат доколку продолжат борбите.
Камбоџа ги отфрли обвинувањата на Тајланд, велејќи дека е посветена на прекинот на огнот.
-Камбоџа силно ги отфрла тврдењата како лажни, погрешни и штетни за кревкиот процес на градење доверба, изјави портпаролот на камбоџанското Министерство за надворешни работи, Чум Суни, пред новинарите на прес-конференција, додавајќи дека владата поддржува механизам за мониторинг и независен набљудувач.