Тајланд и Камбоџа се согласија за итен прекин на огнот!

Средбата се одржа за да се смири ситуацијата околу граничниот спор

Тајланд и Камбоџа се согласија за итен прекин на огнот по мировните разговори во Путраџаја, изјави премиерот Датук Сери Анвар Ибрахим, според странските медиуми. Средбата се одржа денес за да се смири ситуацијата околу граничниот спор.

Лидерите на Камбоџа и Тајланд денес пристигнаа во Малезија на разговори со цел обезбедување прекин на огнот во нивниот жесток граничен конфликт, изјави малезиски функционер, во услови на меѓународни напори за прекин на борбите, кои траат веќе пет дена. На состанокот во административниот главен град на Малезија, Путраџаја, присуствуваа и амбасадорите на САД и Кина, изјави функционерот.

Средбата се одржа во резиденцијата на малезискиот премиер Анвар Ибрахим, претседател на регионалниот блок на АСЕАН.

Тајланд и Камбоџа се обвинуваат меѓусебно за започнување на конфликтот минатата недела, кој потоа ескалираше во борби со тешки артилериски напади на повеќе локации долж нивната копнена граница долга 817 км. Тоа е најсмртоносниот конфликт меѓу двата соседа во Југоисточна Азија во последната деценија, со најголем број жртви.

Камбоџанскиот премиер Хун Манет претходно изјави дека состанокот бил заеднички организиран од Малезија и САД и дека Кина исто така ќе учествува. „Целта на овој состанок е да се постигне итно „прекин на огнот“. Инициран беше од американскиот претседател Доналд Трамп, а договорот за негово одржување го постигнаа премиерите на Камбоџа и Тајланд“, напиша Хун Манет во објава на X пред да замине на разговорите.

Трамп во неделата изјави дека верува оти и Тајланд и Камбоџа сакаат да ги решат своите разлики откако им кажа на лидерите на двете земји дека нема да склучува трговски договори со нив додека не го прекинат конфликтот.