Тахири: Курти никогаш нема да победи на други избори

Претседателот на пратеничката група на Алијансата за иднината на Косово, Бесник Тахири денеска оцени дека премиерот Албин Курти има сосема погрешен пристап кон дијалогот со Србија и дека токму неговата политика го доведе Косово во позиција на губитник во тој процес и санкции од ЕУ, пренесува Газета Експрес.

Тахири се осврна и на актуелните афери и скандалите поврзани со државниот врв и истакна дека владата на Албин Курти е поврзана со високо ниво на корупција. Со оглед на сето тоа, тој е убеден дека кога и да се одржат избори, владејачката партија, Движењето Самоопределување, никогаш нема да добие 50 отсто од гласовите.

„Во Самоопределување мислат дека Курти би можел повторно да освои 50 отсто од гласовите. Податоците, анкетите, информациите од терен говорат за сериозно незадоволство од оваа власт. Не знам каков ќе биде нашиот пристап и колку ќе можеме да се мобилизираме, но едно знам дека тие никогаш повеќе нема да имаат 50 проценти во животот. Луѓето молат за резултати, кои оваа власт ги нема“, заклучи Тахири.

По повод закажаната средба на високо ниво на 14 септември, тој рече дека е скептичен оти ќе има позитивни резултати по разговорите во Брисел.

„Досегашниот пристап на владата на Курти кон дијалогот го претвори Косово во губитник и ја ослабна нашата земја на меѓународен и внатрешен план. Наместо Србија, која е единствената земја во Европа која не воведе мерки против Русија, да биде санкционирана, Косово денеска е санкционирано поради слепа, нестратешка и главно тактичка политика за тесно гласачките интереси на движењето Самоопределување. Денеска Косово е најслабо на меѓународна сцена. Послаба е во суверенитетот на сопствената држава, на внатрешен план, а послаба е и во одлучувањето. Поништена е секоја одлука донесена од 31 јули минатата година“, рече Тахири.

Тој, исто така, смета дека е погрешно инсистирањето на косовската влада предвремените избори на север да се одржуваат само врз основа на петиции на граѓаните.

Според него, петицијата има некои проблеми кои можат да му наштетат на Косово во иднина.

Тахири ја критикува и претседателката Вјоса Османи, која, како што посочува, даде несериозна изјава како одговор на францускиот претседател Емануел Макрон во врска со неговата изјава за санкционирање на визната либерализација.