Универзитетскиот професор и новинар, Сефер Тахири во својата последна колумна коментирајќи ги резултатите од анкетите на Институтот за политички истражувања Скопје наведува дека тие во себе имаат голем методолошки пропуст.
Тоа, смета Тахири е јасно воочливо во албанскиот електорат, затоа што иако се подели, во анктетата на ИПИС, Алијанса за Албанците се тетира како унифициран политички субјект.
„Како може Таравари во анкетата да се третира како претседателски кандидат на ВРЕДИ, а коалицијата да се третира без крилото на неговата партија? И разликата меѓу неговите гласови и на коалицијата е голема, околу 1.3%, бидејќи за ВРЕДИ се изјасниле 4.4%, а за Таравари 5.7%, што при ваков квантум на гласови е голема разлика! Иако и Бујар Османи од ДУИ со 7% анкетен рејтинг има предност од 0.7% пред неговата партија. И кај другите кандидати резултатите со рејтингот на партиите е речиси идентичен.
Секако дека при симулирањето на пратеничките мандати со земање предвид на овие факти резултатите би биле поинакви. Објавувањето на ваков начин на резултатите е голем методолошки пропуст и звучи како да е дел од политичко партиски инженеринг со пропагандистички цели и фрла сенка не само врз оваа, туку и врз сите анкети кои се спроведуваат за мерење на јавното мислење пред избори. Во тридеценискиот период не се „промашиле“ дел од анкетите, туку цели анкети, и затоа не е ниска довербата само кон политичките партии, медиумите, туку и кон „анкетарите“ вели Тахири.
Тахири повикува на поголема внимателност при изработката и пласирањето на резултатите од истражувања на јавното мислење.
„Никој нема право да ја изместува демократската волја на граѓаните и затоа во иднина анкетарите (кои работат за пари) треба да бидат внимателни при изборот на методологијата за истражување на јавното мислење односно да ги земаат предвид сите околности од стварноста. Методологијата не ја диктира стварноста, туку стварноста методологијата“ пишува Тахири.