Тасулас – Мицотакис: Енергетските договори ја надградија геополитичката позиција на Грција

На неодамнешните договори во енергетскиот сектор се осврнаа грчкиот претседател Константинос Тасулас и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на нивната денешна средба, истакнувајќи дека со ова се надградува геополитичката позиција на Грција.

На неодамнешните договори во енергетскиот сектор се осврнаа грчкиот претседател Константинос Тасулас и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на нивната денешна средба, истакнувајќи дека со ова се надградува геополитичката позиција на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис го информрал Тасулас за договорите потпишани на маргините на енергетската конференција во Атина за истражувања на јаглеводороди во Јонското море, како и за договорот за извоз на американски течен природен гас во Украина.

– Верувам дека она што се случи последните седмици на најсилен начин покажува дека нашата земја, од регионален играч во енергетските прашања, веќе станува протагонист. Од една страна, како влезна порта за американскиот природен гас кон европскиот континент, со крајна дестинација дури и до Украина, а од друга страна со започнувањето на многу значајни иницијативи за истражување на наоѓалишта на природен гас во нашата татковина. Ова е нешто што, како што знаете, беше предмет на дискусии со децении, но за прв пат по 40 години ќе имаме истражување во нашата земја во следните 18 месеци, во подморските подрачја западно од Крф, посочи Мицотакис.

Додаде дека со ова земјата се заштитува и геополитички и енергетски, но и дека тоа е најдобриот доказ дека упорната владина политика за надградба на позицијата на земјата, веќе има конкретни и опипливи резултати.

Грчкиот претседател сите овие разврски ги карактеризираше како историски, посочувајќи дека геополитичката надградба на земјата преку енергетските решенија е и поради географската позиција и поради инфраструктурата што ја има, а Грција „се стабилизира како снабдувач на енергија, не само во блиското соседство, туку и во цела Европа“.

– По одлуката на ЕУ да запре увозот на енергија од Русија во 2028 година, ова добива и огромна димензија. Оваа димензија не е само економска, како што споменавте, не е само трговска, туку е и геополитичка димензија, затоа што една земја, која во суштина е снабдувач со енергија, со тоа е и снабдувач со безбедност и суверенитет, бидејќи овие работи сè повеќе се изедначуваат, а е и земја што ја зајакнува својата безбедност и која не може лесно да биде дестабилизирана од надворешни фактори. Зашто, ако таа се дестабилизира, се дестабилизира и енергетската рамнотежа на Европа, порача Тасулас.