Тасева: Кого гонат или штитат обвинителот, полицаецот и судот ?!
Русковски и Арафат во клинч. Им паѓаат маските на вечно заштитени личности задскриени зад наводната недопирливост на нивните институции. Носители на борбата против криминалот, после сеанси глумење меѓусебна соработка и разбирање стануваат актери во ерозијата на правниот и правосуден систем!? И судот неможе да биде изземен од одговорност за прескокнување на процедурите што овозможуваат суетите да се поважни од борбата против оганизираниот криминал. Професор Слаџана Тасева во колумна за Трилинг пишува..
Деновиве во Република Северна Македонија се случува судир помеѓу две институции кои треба да се носители на борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Можеби овој судир би можеле да го оцениме како невообичаен, но такви ситуации на барање да се преземаат мерки кон други институции веќе се вообичаена пракса особено кога треба да се обезбедат докази кои поради корупција или друг интерес некој од внатре сака да ги сокрие или да се обиде да ги уништи. Сето ова е многу можно кога зборуваме за висока корупција и корупција во институциите. Јас лично сметам дека вакви барања Обвинителството за организиран криминал треба да применува почесто.
Но се разбира сето тоа да биде оправдано, засновано на закон и во законита постапка.
Не случајно и токму за да се оневозможат злоупотреби на функцијата и инструментализација и на институциите и вработените во нив, законодавецот предвидел судска контрола. Во претходната кривична постапка судот ќе донесе одлука со која ќе дозволи примена на определени мерки за обезбедување на докази само доколку за тоа постои оправданост. Таа оправданост се поткрепува со соодветна документација од дотогаш добиени сознанија и преземени други претходни активности.
Во случајов она што е невообичаено е дека една од институциите која се смета за елитна, добро опремена, со доволен број на човечки ресурси и судска полиција, со јасна поделба на надлежностите, да биде исправена пред фактот дека постапува спротивно на законот кој е основен за нејзината работа.
Ревизијата на овој конкретен случај утврди основи за сомневање дека јавниот обвинител постапил спротивно на закон и ја злоупотребил својата службена положба. Дали ова е изолиран случај, треба да утврди дополнителна, темелна ревизија на работата на тоа обвинителство. Но, ревизијата и утврдувањето на одговорноста треба да се прошири и кон судот, затоа што во овој кмнкретен случај, а и во други познати на јавноста, судската власт се става во улога на соучесник во незаконитоста и носи одлука спротивна на закон.
Зошто сега, после долги години на укажување на потребата од соработка помеѓу институциите кои се носители на борбата против криминалот, после сеанси на глумење на меѓусебна соработка и разбирање, се случи еден ваков инцидент да се обелодени? Дали се работи за испреплетеност на други чинители, надвор од функцијата и законот допрва ќе дознаеме. Се надевам дека ова ќе биде почеток во расчистување на корупцијата во вистинска смисла на зборот. Особено сега кога се подготвуваме за скрининг за поглавјата 23 и 24.
Д-р Слаѓана Тасева