
Таравари e подготвен да го поништи тендерот за паркингот на Клинички ако на јавнoста не и се допаѓа понудата
Тој рече дека е подготвен и да го поништи тендерот, доколку на јавноста не и се допаѓа понудата и има укажувања од Владата за пропусти. Понудената цена за паркирање е 50 денари за час, а според Таравари таа е пристојна.
Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека договорот со компанијата „Ѓока констракшн“ која преку јавно-приватно партнерство треба да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар Мајка Тереза, ќе биде потпишан доколку по првичната помината процедура помине уште неколку филтри. Тој рече дека е подготвен и да го поништи тендерот, доколку на јавноста не и се допаѓа понудата и има укажувања од Владата за пропусти. Понудената цена за паркирање е 50 денари за час, а според Таравари таа е пристојна.
„Не е потпишан. Паркингот на Клиничкиот центар секогаш прави многу нервоза. Ако за понудата, еве слушам, секогаш многу ми значи јавноста што ќе каже, ако ми кажат дека нешто не е во ред, пуштено е и во Влада, ако и таму ми кажат дека има одредени пропусти, нема да имаме ништо. Ќе го поништиме, ќе објавиме нов, но само ќе изгубиме една година, рече Таравари.
Тој рече дека рокот за стопанисување со паркингот не е 20 години, како што е предвидено со физибилити студијата.
„Според физибилити студијата е предвидено да биде 20 години, но во меѓувреме имаме одука дека паркингот може да се користи додека Клиничкиот центар е тука. Јас лично сметам дека Клиничкиот центар нема да биде тука повеќе од седум до 10 години. Сме ставиле како услов, додека е тука Клиничкот центар, тоа може да бидат пет, шест, седум осум, девет, 10 години, но мислам дека тоа нема да биде повеќе од седум до 10 години, затоа интересот на компаниите беше многу мал, да беше 20 сигурно ќе се јавеа. Од проектната единица ме известија дека процедурата е помината и има одредени филтри што треба да поминат во Владата. Ако поминат ок, ако не поминат пак ќе го објавиме, рече Таравари.
Имајќи во предвид како се движат цените за паркинг, посочи министерот, мислам дека понудената цена не е лоша. Најдобро е да биде нула денари, но ако најдете таков понудувач што ќе обезбеди плус 600 денари и нема да наплаќа ништо би било идеално.
Рокот за изградба на мотажните катни гаражи доколку биде потпишан договорот, како што рече, најверојатно е шест месеци до една година.