Таравари: Сметам дека за нас во моментов е проблематично да одиме на една листа со ДУИ

Разговарано е за опцијата да се оди заедно на избори со една изборна листа. Но, засега ние сме против. Имавме состаноци и со Ахмети и со Ковачевски. Разговаравме за опцијата да одиме заедно на избори, со една изборна листа. Јас сметам дека во моментов е проблематично за нас како партија да бидеме со ДУИ на една листа, но не го затвораме како прашање. Ќе направам анализа, ќе разговараме со членството и следната недела ќе донесеме одлука, дали на наредните избори ќе одиме заедно со СДСМ и ДУИ, изјави синоќа за ТВ21 Арбен Таравари, претседателот на Алијанската за Албанците, партија која во моментов е дел од владината коалиција.

Таравари зборуваше за можно излегување од Владата доколку не се изгласаат уставните измени во Собранието.

„Ние влеговме во Влада со една цел, да помогнеме на мнозинството на евроинтеграцискиот пат на Македонија. Ние станавме дел од Владата да помогнеме да се соберат 2/3 од пратениците и да се изгласаат уставните измени. Ако тоа не се случи, тогаш ќе го свикаме централното раководство и ќе одлучиме што понатаму, дали ќе продолжиме со ова мнозинство или ќе одиме во опозиција“, изјави Таравари.