Таравари: Се работи на проширување на „Мој термин“ и евентуално нова дигитализација

„Разговараме со одговорните од Управата за електронско здравство `Мој термин` за користење на телемедицина“. Ова денеска го најави министерот за здравство Арбен Таравари одговорајќи на новинарско прашање за честите проблеми на „Мој термин“ по посетата на Институтот за радиологија.

„На Македонија дефинитивно ѝ треба сите здравствени установи да бидат во ист систем, и јавни и приватни установи, и фармации, Фондот за здравство. Ќе видиме, ќе разгледаме. Веќе разговараме со `Мој термин` за користење на телемедицината, консултации со пациенти на дистанца бидејќи за одредени прашања тој не мора да се замoрува да дојде до Клиника, туку може да исконтактира со докторот во одреден период кога тој дава консултации од дистанца. Доколку има потреба, после би го повикал пациентот да го прегледа пациентот физички“, рече Таравари.

Пред речиси две години УСАИД соопшти дека почнува пилот-иницијатива со која ранливите семејства во земјава ќе бидат лекувани со уреди за телемедицина од лекари кои се обучени за давање телемедицински услуги.

Лекарите со помош на уредите за следење можат да вршат физички прегледи на пациентите од далечина за да дијагностицираат акутни состојби како што се ушни инфекции, воспалено грло, треска, настинка и грип, алергии, стомачни проблеми, инфекции на горните дишни патишта и осипи.

Една од клучните предности, како што се наведува, е следењето на хроничните состојби кај најранливите и контрола и следење на пациентите по спроведените процедури, вклучувајќи го и ковид-19.