
Таравари останува во НАИ: Очекувам добри реформи во ДУИ и победа во Гостивар!
За разлика од Зијадин Села, кој ја напушти Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ на Али Ахмети, лидерот на друго крило на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вели дека останува дел од НАИ.
За разлика од Зијадин Села, кој ја напушти Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ на Али Ахмети, лидерот на друго крило на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вели дека останува дел од НАИ.
Имено, Таравари вели дека тој и АА продолжуваат како НАИ и воедно порачува дека очекува „добри реформи“ на Конгресот на ДУИ што треба да се одржи во текот на следниот месец декември.
Воедно, тој ја отфрла можноста „интегративците“ да исфрлат свој кандидат за градоначалник на Гостивар на повторените избори, кои треба да се одржат на почетокот на следната 2026 година откако не беше постигнат цензус во првиот круг на изминатите локални избори.
Според неговите тврдења, постои договор заеднички кандидат на АА и ДУИ пак да биде досегашниот в.д. градоначалник Валбон Лимани, кој всушност го наследи на оваа функција Таравари, откако тој беше избран за министер за здравство.
–Имаме договор, заеднички кандидат за Гостивар ке биде доктор Валбон Лимани, тој што подеди со 17.000 наспроти 4.200 гласови и му недостигаа само 21 глас за цензус. Оваа тема е одамна апсолвирана – вели Таравари за „Фокус“.
Тој посочува дека ако во првиот круг победата во Гостивар била 4:1, уште поголема била разликата во корист на неговиот кандидат Исен Шабани во Врапчиште, каде исто така ќе се одржат повторени избори поради непостигнат цензус, во пакет со уште 2 општини – Центар Жупа и Маврово Ростуше.
–Во Врапчиште резултатот е 12:1 (6.100 за нашиот кандидат со 500 гласа за кандидатот на ВЛЕН). Ако сите гласови кои недостигаат за цензус или вкупно 1.800 одеа за противкандидатот на ВЛЕН, повторно резултатот ќе беше 3:1. Не верувам дека за 2 месеци може да се смени овој резултат битно – вели Таравари.
Инаку, на локалните избори коалицијата НАИ освои градоначалници само во 4 рурални општини (Липково, Пласница, Студеничани и Чашка). Односно, НАИ загуби во сите големи урбани центри со албанско мнозинско население, како Чаир, Сарај, Тетово, Дебар, Струга. Патем, ВЛЕН победи и во Арачиново, Желино, Теарце, Долнени…
Впрочем, единствена урбана општина каде НАИ победи беше Гостивар, меѓутоа Лимани не беше избран за градоначалник бидејќи за само 21 глас не беше постигнат цензусот за излезност на една третина од запишаните избирачи. Сепак, градоначалник дефинитивно ќе биде избран во јануари, бидејќи на повторените избори нема цензус за излезност.