
Таравари: Од 100 километри се гледа неусогласеноста на ВЛЕН во Владата
Министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН настапи со јавна критика за функционирањето на партиите на Албанците во Владата. Според него, коалицијата функционира „тромо“ и треба да се најде модел за подобра синхронизација.
Министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН настапи со јавна критика за функционирањето на партиите на Албанците во Владата. Според него, коалицијата функционира „тромо“ и треба да се најде модел за подобра синхронизација.
„Јас мислам дека имаме многу недостатоци. Тоа не е толку до премиерот Мицкоски, колку што е до нас. Постои некаква неусогласеност што се гледа од 100 километри, дека многу бавно функционираме. Впечаток е на народот, што е најлошо за нас, дека ВЛЕН има многу слаба позиција во Владата. Само што направив три анкети, кај Албанци генерално анкетирани. Впечатокот на околу 70% од населението Албанци е дека ВЛЕН не функционира добро, не е задоволувачко претставувањето на Албанците во Владата“, вели тој.
Во интервјуто за „360 степени“, Таравари дообјасни дека кога зборува за претставувањето на Албанците во Владата не мисли на квантитетот, туку на квалитетот.
„Ако земете во квантум, значи број на министри, број на директори, океј е претставувањето на ВЛЕН во Владата. Меѓутоа, ако го земете квалитативно, тоа не е баш како што треба, не функционира баш како што треба и тоа е генерален впечаток на повеќето, зборувам за Албанците“, додава Таравари.
Ваквите ставови на Арбен Таравари доаѓаат во период на сѐ погласни шпекулации дека тој е со една нога надвор од ВЛЕН, а се поблиску до ДУИ. Првиот вистински, а можеби и последен тест на коалицијата се претстојните локални избори.
ВЛЕН, засега, не успева да се договори дали ќе настапи со заеднички листи за советници и кандидати за градоначалници. Таравари, додава, тоа прашање има историја уште од лани, кога се отвора идејата за ВЛЕН од коалиција да прерасне во една партија.