
В.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, откако денеска ја поднесе кандидатурата за лидерската позиција во партијата, рече дека засега не се преговара за влез во Владата.
Без разлика дали партијата ќе биде во власт или опозиција, како што рече, ќе ги поддржи уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата од Уставот.
„Нема преговори, ако има ќе излезе пред вас и ќе кажеме сè што има. Ние ќе ги поддржиме уставните промени за вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот без разлика дали ќе бидеме дел од Владата или ќе бидеме опозиција. Тоа сме го кажале од првиот ден, продолжуваме да го кажуваме истото. Кога ќе има преговори ќе ве известиме“, рече Таравари.
Оној што треба да нè повика, вели тој, е премиерот Димитар Ковачевски, а тврди и дека при евентуално влегување во Владата нема да бидат резервна гума на ДУИ.
„Ако нè повика некој во влада треба да биде премиерот. Меѓутоа, најодговорно тврдам дека засега немаме преговори. Ако имаме ќе бидеме максимално транспарентни“, вели Таравари.