
Претседателот на АА, Таравари ја потврди утрешната средба во Владата со премиерот Ковачевски, на која ќе се разговара за можен влез на партијата во владината коалиција. Тој истакна дека тие веќе имаат подготвено програма од пет точки во кои што ќе бидат нивните барања до мнозинството. Ако се прифатливи програмските како што тој вели , тогаш ќе преговараат и за кадровски решенија.
– Веќе имаме подготвено програма со пет точки во кои што ќе бидат нашите барања до мнозинството, до Владата. Ако се прифатливи за нив, ќе продолжиме да преговараме и за кадровските решенија. Ако не се подготвени, тогаш мислам дека наскоро ние треба да ја завршиме оваа приказна. Или ќе се договориме наскоро или ние ќе продолжиме во опозиција. Ќе се делуваме како што сме делувале овие последни седум-осум години, рече тој на јавната дебата на тема „За вистинска реформа на фискалната децентрализација“ во организација на Институтот за јавни политики „Арбен Џафери“.
На новинарско прашање дали меѓу тие барања е и она за гаранции за уставни измени, Таравари изјави дека пакетот на мерки што го презентираа пред јавноста, меѓународниот фактор и другите политички партии, ќе бидат нивното главно барање.
Тој рече дека прво ќе видат дали можат да бидат усогласени нивните програмски барања, а ако не ќе продолжуваат да дејствуваат како опозиција. Без разлика дали ќе бидат дел од владината коалиција, Таравари смета дека оваа година не треба да биде изборна, бидејќи, како што рече, такви се препораките од „сите пријатели“.
Околу последните обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ кон Алијансата за Албанците, Таравари истакна дека со вакви настапи, кај обичниот граѓанин се создава страшна поларизација меѓу различните народи кои што живеат во земјава.
И премиерот Димитар Ковачевски, кој истовремено е и лидер на владејачката СДСМ, во изјава за медиумите потврди дека утре ќе има средба со претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на која ќе се разговара за можен влез на партијата во владината коалиција.
– Утре ќе имаме состанок со Таравари. Ќе разговараме за напредокот од последниот пат кога сме се виделе, но ќе разговараме, исто така, и за можна соработка и за законски и за програмски решенија кои можат да ги унапредат капацитетот на државата и Собранието и донесување на оние одлуки за остварување на нашата зацртана цел 2030 да бидеме земја членка на ЕУ, истакна Ковачевски.