Тадиќ незадоволен од одлуката на Пикси: Да бев стартер ќе дадевме барем еден гол

Српската фудбалска репрезентација синоќа беше поразена од Англија со 1:0 во првото коло од групната фаза на Европското првенство во Германија.

По мечот, капитенот Душан Тадиќ изјави дека е незадоволен од одлуката на селекторот да го започне натпреварот на клупата за резерви, а на неговите коментари реагираше и селекторот Драган Стојковиќ – Пикси.

„Тоа беше дел од тактиката на нашиот тим, затоа не почнав. Селекторот ми објасни дека сака прво да се браниме, а потоа јас ќе се обидам да ја сменам играта. Мислам дека беше одлична можност да се победи Англија бидејќи и покрај тоа што имаат одлични имиња во тимот ни дадоа премногу простор. Да бев на теренот, ќе им создававме повеќе проблеми. Имавме многу простор, мислам дека ќе постигневме барем еден или два гола ако минев повеќе време на терен. Но во ред… Тоа е фудбалот“, изјави Тадиќ.

Иако самиот тренер објасни дека тоа е „дел од тактиката“ затоа што „сакаше да го поштеди“ и затоа што „знаеше дека второто полувреме ќе биде одлучувачко“, изјавата на неговиот напаѓач дојде до него на прес-конференцијата. Не му се допадна тоа што го слушна.

„Ух, не е добро ако го кажа тоа. Не е добро. Тоа беше моја одлука од тактички причини. Го сакав Тадиќ со свежи нозе во вторите 45 минути и тоа е единствената причина и ништо повеќе. Се работи за тактика, ништо друго“, рече Стојковиќ.