Тим нуркачи сѐ уште трага по трите лица кои вчера со автомобил паднаа во реката Лепенец, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Потрагата, како што велат од ЦУК, се одвива во исклучително тешки услови бидејќи реката е длабока и многу брза, а со себе носи и предмети кои се опасност за нуркачите.
Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека екипи од Одделот за специјални полициски операции трагаат по три лица во реката Лепенец.
„На 17.06.2023 околу 15.20 часот е пријавено дека на патот Скопје- ГП Блаце се случила сообраќајна несреќа во која учествувале патничко возило „фолксваген туран“ со скопски регистарски таблички, управувано од Б.Б.(64) од Скопје и патничко возило „бмв“ со косовски регистерски таблички, управувано од Н.П.(60) од Косово, кое по несреќата паднало во реката Лепенец. Во возилото „бмв“, според пријавеното, покрај возачот имало и тројца сопатници М.П.(48), Ш.П.(21) и 16 годишен малолетник. По несреќата сопатникот Ш.П. е изваден од реката и пренесен во ГОБ „8 Септември“ каде од лекар му биле констатирани телесни повреди, а по останатите три лица се трага од страна на екипи од Одделот за специјални полициски операции. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител возачот на возилото „фолксваген туран“ Б.Б. е лишен од слобода и задржан за понатамошно постапување“ велат од МВР.
Причините за судирот сѐ уште се утврдуваат.