Сѐ уште гори на Готен: Активни три пожари и еден под контрола од вкупно 28 регистрирани

Од вкупно 27 пожари на отворено во текот на денешниот ден, се уште активни се три, под контрола се три, а изгаснати се 21, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) за состојбата со пожарите.

Центарот за управување со кризи утринава информира дека на територија на државата до 06:30 часот активни се три пожари и еден е под контрола. Изгаснати се 24 пожари од вкупно 28 регистрирани пожари.

Активен останува пожарот на планината Готен меѓу општините Василево, Радовиш и Берово каде од вчера, покрај екипи од државава, дејствуваа и чешкиот хеликоптер „Блек Хок“ и словенечки пожарникари.

Според информациите на ЦУК, активни се и пожарите меѓу селата Галиште и Ќесендре во општина Кавадарци каде гори мешана шума и нискостеблеста вегетација и кракот од пожарот кон селото Градешница во општина Новаци.