Сунак реагираше на обвинувањата на Рама: Обединетото кралство има силни врски со Албанија и добра соработка

Кабинетот на премиерот на Обединетото Кралство, Риши Сунак, реагираше по острата реторика и обвинувања на албанскиот премиер Еди Рама на изјавата на британската министерка за внатрешни работи,Суела Браверман, која Албанците кои илегално одат во Велика Британија ги опишала како криминалци, велејќи дека ја окупираат земјата.

Во соопштението од кабинетот на британскиот премиер, кое го пренесуваат албанските медиуми, се нагласува дека Британија останува посветена на борбата против трговијата со луѓе и дека има силни односи со Албанија.

Британија има силни односи со Албанија и е благодарна за работата што ја прави за справување со шверцерите на луѓе. Имаме силни односи со нашите албански партнери. Благодарни сме за соработката на албанската Влада и остануваме целосно посветени на заедничката работа, се наведува во соопштението.

Според медиумите, Рама ја нападна Владата на Велика Британија, велејќи дека Лондон мора да престане да ги обвинува Албанците за сопствените „неуспеси во политиката“, како укор на, како што рече, „лудото“ резонирање на британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман.

Оценил дека „таргетирањето на Албанците (како што некои срамно правеа кога се бореа за Брегзит) како причина за криминалот на Велика Британија и проблемите со границите прави лесна реторика, но игнорира цврст факт. Да се ​​повторуваат истите работи и да се очекуваат различни резултати е лудост“.

Браверман предизвика контроверзии во понеделникот кога пред британскиот парламент рече дека доколку опозициската Лабуристичка партија „би била на чело, тие ќе им дозволат на сите албански криминалци да дојдат во оваа земја“.

Рама денеска и на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин, рече дека Британија треба да земе пример од Германија за начинот на кој се однесува кон албанските бегалци.
Тој додаде дека во Британија живеат 140 илјади албански граѓани и оти дури 70 отсто се успешно интегрирани во британското општество, дека илјадници се успешни бизнисмени а само еден отсто од вкупниот број затвореници во британските затвори се Албанци.