Новиот британски премиер Риши Сунак (42) изјави дека ќе се обиде да го расчисти нередот што го остави неговата претходничка Лиз Трас, да ја обнови вербата во политиката и да се справи со длабоката финансиска криза, но ја предупреди земјата дека ќе има тешки одлуки.
Тој вчера беше избран за нов лидер на Конзервативната партија, а денеска ја презеде и премиерската функција, откако Трас поднесе оставка во петокот по пропаста на нејзината економска програма.
„Лиз Трас направи некои грешки, но немаше лоши намери. Мене ме избраа да ги поправам и веднаш почнувам со работа. Во срцето на агендата на мојата влада ќе биде економска стабилност, што значи дека ќе има тешки одлуки во наредниот период“, изјави Сунак.
Тој призна дека е свесен дека станува премиер во многу тежок момент, но додаде дека не се плаши од предизвици.
„Подготвен сум да ја водам земјата кон иднината и да ги ставам вашите потреби над политиката. Ќе составам влада која ќе биде најдоброто од мојата партија“, изјави тој во своето прво обраќање како премиер.