Сунак: Војната во Газа мора да заврши

Обединетото Кралство е потресено од крвопролевањето во Газа и оваа страшна војна мора да заврши, изјави британскиот премиер Риши Сунак, потсетувајќи дека поминаа шест месеци од терористичкиот напад на 7 октомври, кој како што рече е најстрашниот напад во историјата на Израел.

– Продолжуваме да го браниме правото на Израел да ја победи заканата од терористите на Хамас и да ја брани неговата безбедност – рече Сунак и додаде дека Обединетото Кралство е шокирано од крвопролевањето и од убиството на британските хуманитарни работници кои доставуваа храна до оние на кои им е потребна.

Седум хуманитарни работници, меѓу кои тројца Британци, беа убиени во понеделникот на палестинската територија во напад на израелско беспилотно летало. Убиените го следеа истоварувањето на помошта во храна.

– Оваа страшна војна мора да заврши. Заложниците мора да бидат ослободени. Помошта мора да тече. На децата од Газа им треба итна хуманитарна пауза што ќе доведе до долгорочен одржлив прекин на огнот. Тоа е најбрзиот начин да се ослободат заложниците и да се добие помош за Газа – истакна Сунак.