Судски совет денеска ќе донесе одлука за претседателката на Врховен – Беса Адеми

Судскиот совет денеска на седница треба да расправа и да одлучува по извештајот од Комисијата на известители во врска со иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми.

Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, се вклучи во работата на Судски совет со нејзиното присуство и учество на 472 седница одржана на 11 јануари. Ова следуваше по јавната седница што се одржа на крајот од декември лани, кога Судскиот совет одржа расправа за иницијативата поднесена од членот на Советот, Миљазим Мустафа, за утврдување одговорност на Адеми.

По однос на расправата за двете точки од иницијативата, за непојавувањето на седници на Судскиот совет на Адеми без да даде соодветни докази, како и интервјуто во кое зборува за политички притисоци, беше посочено дека со неприсуството на седниците на Судскиот совет таа покажала професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамки на правосудниот систем. Според Адеми, пак, сите случувања во Судскиот совет биле демотивирачки од професионален аспект.

На расправата, Мустафа побара одлука со која ќе се утврди нејзина одговорност и разрешување. Од друга страна, одбраната на претседателката на Врховниот суд ги оцени наводите како неосновани и побара одлука со која постапката ќе запре.