Судскиот совет ќе го испитува случајот со намалената казна за велешанецот кој прегази дете

Откако Апелација ја намали затворската казна од 18 на осум години за велешанецот Ангелче Николов кој минатиот декември на пешачки премин ја усмрти 11 годишната Магдалена Иванова од Велес, се огласи Судскиот совет. Највисокото судско тело најавува дека случајот со изречената пресуда ќе го стават на маса, но по враќање од годишните одмори

„Советот апелира до Врховниот суд да обезбеди еднаква примена на законите од страна на судовите преку воедначување на судската пракса, посебно за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Советот потсетува и дека во неколку наврати и писмено побарал од Врховниот суд, заради невоедначеност на пресудите да се преиспита казнената политика, а по претходно направена анализа на судската пракса.

Најавата на Судскиот совет доаѓа по силните реакции во јавноста, но и на судските експерти според кои Апелација ги преценила олеснителните околности на сметка на прерано згаснатиот живот на Магдалена.

„Ако ја следите судската пракса никој пат не би смеел еден професионалец да настапи со намалување на казна на таков ригиден начин. За мене е ова претерано намалување. Точно е дека се работи за млад сторител, меѓутоа ако го ставиме животот на жртвата наспроти неговиот живот тој сепак има шанса некаква понатаму да продолжи со неговиот живот, додека жртвата никој пат нема повеќе да се врати“.

Како дел од причините за намалување на казната на Николов за десет години во однос на првичната пресуда на велешкиот суд, од Апелација наведоа дека тој признал вина во судница, се извинил, нема оформено семејство, не е женет и казната ќе му влијае во иднина бидејќи е млад.