Советот постапи законски кога номинираше свои членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, соопшти денеска Судскиот совет. Како што велат „одлуката е донесена транспарентно“, и објаснуваат дека номинирале судии во Управниот одбор на Академијата, односно членови на Судскиот совет кои се од редот на судиите и во тоа не гледаат ништо спорно.
Истовремено прашуваат ако се тие спорни како членови на УО на Академијата, тогаш како не се спорни и членовите од Врховниот суд, кои исто така се дел од УО на Академијата.
„Со оглед дека изминатите денови во јавноста се презентирани негативни ставови во врска со номининација на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители од страна на Судскиот совет, кои не само што не кореспондираат со реалноста, туку и предизвикуваат перцепција дека Судскиот совет донел незаконита одлука, заради целосно запознавање на јавноста, на која сме должни да ѝ ја презентираме вистината, информираме за следното. Судскиот совет на транспарентен и отчетен начин, на јавната седница одржана на 24.10.2024 година изврши номинација на членови на УО во Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите кои се членови на Судскиот совет. На седницата беа истакнати аргументи и дадено образложение за законитоста и оправданоста на таквата одлука, односно номинација, а истото беше сторено пред присутната јавност на седницата. Во конкретниот случај, не може да се примени членот 44 став 4 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, бидејќи членовите на УО на Академијата за судии и јавни обвинители се од редот на судиите и јавните обвинители, кои по закон се веќе претходно избрани и именувани лица. Во поткрепа на законитоста на одлуката на Советот е и досегашната пракса“, соопшти Судскиот совет.
Неспорно е, се додава во соопштението, дека УО на Академијата одлучува по приговори на кандидатите за судии и обвинители, кои по завршување на Академијата ги избира Советот. Но, неспорно е и дека во постапката за избор на судии и обвинители учествува и Врховниот суд, кој одлучува по жалби на неизбраните кандидати кои ја завршиле Академијата.
„Значи ли тоа дека во случајов е незаконита и номинацијатата на судија од Врховниот суд за член на Управниот одбор во АСЈО, поради судир на интереси?“, прашува Судскиот совет.
За надминување на изнесените дилеми во јавноста околу начинот и постапката за номинација, Судскиот совет веќе започна постапка за изготвување на подзаконски акт со кој ќе се регулираат условите и постапката за сите номинации кои се во надлежност на Советот, се додава во соопштението.
Советот на јавни обвинители сè уште не се изјаснил по обвинувањата дека не може член на Советот во исто време да биде и член на УО на Академијата.
Судскиот совет на седницата на 24 октомври за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители го номинира членот на советот Ханиф Зендели, а за негов заменик Тодор Поп Панев, судија на Апелација Штип. За втор член на УО е номинирана е Антоанета Димовска, исто така член на Судскиот совет, а за нејзин заменик е номинирана Емељ Кранли Али, судија на Основен суд Ресен.
Советот на јавни обвинители на седницата на 29 октомври донесе одлука за номинирање на членови и заменици членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. За членови беа избрани Душица Димитриеска и Башким Бесими, а за заменици Татјана Кацарова и Теута Рамадани.
Реакција на невладините организации
Минатата недела јавна реакција против номинацијата на членови на УО на Академијата од страна на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители испрати и Коалицијата „Сите за правично судење“.
„Ваквото постапување на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители е исклучително загрижувачко, најнапред поради тоа што претставува сериозен ризик од корупција и судир на интереси, според членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. За ова правно прашање, Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси, повикувајќи се на овој член од Законот, во 2022 година има дадено упатство за постапување во кое е наведено дека постои судир на интерес токму во ваквите ситуации кога членовите на Судскиот или Советот на јавните обвинители извршуваат и други јавни функции“, реагира Коалицијата „Сите за правично судење“.
Тие потсетуваат и на друг аспект на судирот на интереси кој се јавува во оваа ситуација е тоа што Управниот одбор на Академијата има надлежност да одлучува по жалба, односно приговор на кандидатите на одлуките на Приемната и Завршната комисија во Академијата кои ги изготвуваат конечните ранг листи на слушатели и на кандидати за судии и јавни обвинители.
„Судскиот совет и Советот на јавните обвинители ќе можат да одлучуваат за истите кандидати во секој од поставените филтри- прием на Академијата, завршување на почетната обука на Академијата, а потоа и за конечен избор на кандидатите како судии или јавни обвинители. Па така, се поставува прашањето дали членовите на Советите како дел од Управниот одбор на Академијата може да одлучуваат по приговорите на кандидатите, а истовремено да одлучуваат и во рамки на Советите за избор на тие кандидати за судии или јавни обвинители, без тоа да претставува судир на интерес и акумулација на одлучувачка моќ?“, прашува Коалицијата.
Во извештајот на Европската комисија објавен минатата недела посочен е извесен напредок во работата на овие две тела во однос на транспарентноста но сепак посочува дека „и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители мора да обезбедат сеопфатно образложение за нивните одлуки, вклучително и за избори, назначување и унапредување на судии и обвинители“.
(Видео) Аврамовски: Состојбите во судството претставуваат сериозен безбедносен проблем