Судскиот совет го разреши апелацискиот судија Енвер Беџети

Одлуката е донесена поради „потешка дисциплинска повреда“ и утврдена недостојност за вршење судиска функција

Судскиот совет го разреши судијата од Апелацискиот суд – Скопје, Енвер Беџети, кој се наоѓа на американската црна листа поради сомневања за мито во предметот за масовното прислушување.

Одлуката е донесена поради „потешка дисциплинска повреда“ и утврдена недостојност за вршење судиска функција.

Судскиот совет, по спроведена постапка за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје, на седницата одржана на 26 мај 2025 донел одлука со која го разреши од вршење на судиската функција. Беџети е разрешен за недолично однесување, односно за нарушување на јавниот ред и мир, откако претходно не беше разрешен што 9 месеци чуваше во фиока да застари предметот за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“ каде обвинет беше Сашо Мијалков.

За оваа злоупотреба на судиската функција, Беџети едвај беше казнет на 6 месеци помала плата, место да биде разрешен.